Тестенините поевтинуваат за 15 отсто, а млечните производи за 10 проценти и нивните цени ќе се замрзнат, соопшти денеска премиерот Димитар Ковачевски.
Со одлуката за тестенините се опфатени макароните и шпагетите. За овие продукти се укинуваат и увозните царински давачки од 13 март до 31 мај 2023 година.
Одлуката за млечните производи, пак, која ќе биде во сила од 17 март до 31 мај 2023 година се однесува на трајно кравјо млеко со 2,8, 3,2 и 3,5 отсто масленост, урда, кравјо и мешано бело сирење, кравји кашкавал, кисело млеко, павлака и јогурт.
– Се намалува продажната цена на тестенини, макарони и шпагети, за 15 отсто или во просек за 8 до 9 денари. Се укинуваат и царинските давачки за увоз на овие продукти од 13 март до 31 мај 2023 година. Се замрзнуваат и цените на млечните производи: трајно кравјо млеко 2,8, 3,2 и 3,5 отсто, урда, кравјо и мешано бело сирење, кравји кашкавал, кисело млеко, павлака и јогурт. Цените се намалуваат за 10 отсто, а одлуката важи од 17 март – 31 мај 2023 година – рече Ковачевски.
Според него, Владата ќе проодлжи да носи одлуки кои го штитат интерсот и стандардот на граѓаните.
На прес-конференцијата присуствуваше и министерот за економија Крешник Бектеши, кој истакна дека идната недела ќе се направат анализи и ќе се утврди дали ќе бидат замрзнати цените и на шеќерот, јацата и оризот.
Според него, анализите на Секторот за трговија и на стопанските комори покажале дека повеќето компании ја користат максималната маржа и на некој начин се здружени за да не ги намалат своите профити.
– Согласно сите анализи на Секторот за трговија и коморите, се утврдува дека повеќето компании ја користат максималната маржа и на некој начин се здружени за да не ги намалат своите профити. Затоа одлучивме да одиме со замрзнување на цените. Остануваат уште шеќерот, јацата и оризот за кои наредната недела ќе се направат анализи и чии цени најверојатно ќе се замрзнат ако производителите не ги намалат – објасни Бектеши.