Голема е веројатноста дека организаторите на Вимблдон ќе ја укинат забраната за настап на руски и белоруски тенисери ова лето на грен – слем турнирот во Лондон.
На нив лани им беше забрането да дојдат во Лондон поради руската инвазија врз Украина, а и покрај тоа што војната сè уште трае, дел од британските весници пишуваат дека забраната би можела да биде укината.
Вимблдон годинава ќе се одржи од 3 до 16 јули.
Според медиумите, руските и белоруските тенисери ќе настапат на Вимблдон под неутрални обележја, а веднаш ќе бидат санкционирани доколку на каков и да е начин покажат дека ја поддржуваат руската агресија врз Украина.
– Секогаш ќе ја почитувам одлуката на Вимблдон каква и да е. Ја почитував и лани и сметав дека е во ред. Тенисот е моја работа и секако дека би сакал да настапам на лондонската трева, но доколку не е судено ќе го прифатам тоа без најмала забелешка – изјави шесторангираниот тенисер на АТП листата, Русинот Данил Медведев.