Пациентите кои се болни од цистична фиброза и се во најкритична состојба веќе од утре ќе можат да го добијат лекот „трикафта“ на Клиниката за детски болести, информираше директорката Стојка Нацева – Фуштиќ која додаде дека лекот утрово стигнал кај нив.
– На Клиниката примаме шест пациенти, а двајца ќе се водат на Клиниката за пулмологија. Од осумте пациенти, двајца се во навистина во критична состојба. Седум пациенти се над 18 години, а еден пациент е дете. Добивме нешто пониска цена од предвидената, од онаа јавно објавената. Дадовме барање до Фондот за здравство, дополнително во рамките на истиот буџет да бидат вклучени уште четворица пациенти – изјави д-р Нацева Фуштиќ.
Директорката објаснува дека станува збор за годишна терапија за пациентите болни од цистична фиброза. Пациентите ќе добиваат таблети еднаш месечно и нема да се обврзани да останат в болница. Терапијата вклучува земање две таблети наутро и една навечер.
Министерот за здравство Фатмир Меџити рече дека во соработка со премиерот Димитар Ковачевски се бара решение и за останатите засегнати пациенти со оваа дијагноза.
– Очекуваме со оваа терапија значително да се подобри квалитетот на животот на пациентите со цистична фиброза – нагласи министерот.
Тој повтори дека пациентите се во фокусот на нивната заложба.
Во земјава има околу 130 пациенти со цистична фиброза кои изминативе месеци молат и протестираат за државата да им го обезбеди современиот лек „трикафта“ со кој значително се подобрува животот.