Ќерката на севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун, малечката Ју-Ае, никогаш не одела на училиште, туку училиштето доаѓа кај неа дома. Девојчето се образува во домашни услови, а во слободно време обично јава коњи, плива и ужива во луксузниот живот.
Новите информации што ги објави јужнокорејската безбедносна служба нудат увид во животот на девојчето за кое многумина веруваат дека нејзиниот татко Ким еден ден ќе ѝ ја отстапи Северна Кореја на својата малечка ќерка.
Властите во Јужна Кореја не веруваат дека Ју-Ае официјално е прогласена за наследничка на Ким, но нејзиното неочекувано појавување во јавноста во ноември минатата година и сѐ почестото нејзино појавување на разни настани можат да се сфатат како пропаганда која има за цел да прикаже дека династијата Ким ќе владее и во иднина.
Иако државните медиуми во Северна Кореја често ја фотографираат, сепак, многу малку работи се знаат за ќерката на лидерот. Се претпоставува дека таа има околу 10 години, а оваа информација ја откри поранешниот кошаркар Денис Родман, кој ја запознал уште кога таа била бебе.
Јужнокорејската Национална безбедносна агенција открива дека девојчето има постар брат кој има 13 години, но и дека има и уште една помала сестра и уште еден помал брат. Еден од политичарите кој е близок до севернокорејскиот лидер, Ју Санг-Бум, смета дека Ким сѐ уште е многу млад за да би требало да одбере свој наследник.
Инаку, како што објаснува тој, малечката Ким Ју-Ае никогаш не одела на училиште, бидејќи се образува во својот дом во Пјонгјанг.
Тој открил дека ќерката на лидерот има голема желба за јавање коњи, скијање и за пливање.
– Посебно е добра во јавањет коњи, а нејзиниот татко е многу горд на неа – рекол Ју Санг-Бум.
Нејзиниот бел коњ бил претставен на церемонијата на големата воена парада што се одржала во Северна Кореја минатиот месец, а на која Ју-Ае зазела централно место со својот татко и со својата мајка Ри-Сол-Ју. Симболиката на белиот коњ уште одамна е вкоренета во традицијата на династијата Ким, а и самиот Ким Јонг Ун честопати е сниман како јава бел коњ за да ја прикаже својата лична сила и херојство како врховен водач.
И самиот лидер на Северна Кореја во својата младост се школувал во својот дом пред да биде испратен во елитно училиште во Швајцарија, каде што школарината изнесувала 20.000 евран годишно. Таму тој го користел псевдонимот Пак-Ун, а неговите поранешни колеги го паметат по тоа што правел глупости на кошаркарскиот терен.
Сите овие информации доаѓаат во време кога експертите велат дека ситуацијата со храна во Северна Кореја е полоша од кога било, а тоа се случува како резултат на пандемијата со коронавирусот. Меѓутоа, додаваат тие, засега нема знаци на глад или на масовна смрт во државата.