Правните застапници на Бојан Јовановски познат како Боки-13, кој се наоѓа на отслужување затворска казна во КПУ „Идризово“, велат дека на нивниот клиент крајно и алармантно му се влошила здравствената состојба.
На Боки-13 завчера (на 7. март) му била извршана горнодигестивна ендоскопија, гастроскопија, и билопредложено да му се изврши оперативен третман – тотална гастректомија со езофаго-јејуно анастомоза, односно целосно отстранување на желудникот.
„Со ова медицинско иследување и наод се потврдува фактот дека осудениот Бојан Јовановски нема услови и можност да се лекува и да се третира во пенални затворски услови и дека врз пациентот терапевтскиот третман не е спроведуван, ниту реализиран“ – велат правните застапници на Боки-13.
Тие велат дека неговиот живот е ставен во сериозен ризик.
„Оттука, потенцираме дека Основниот кривичен суд Скопје веќе цели 4 месеци нема донесено правосилна одлука по барањето за прекин, постапка која по својот карактер и итна, а истовремено судот не презема никакви дејствија и не одлучува по жалбената постапка ниту во разумен рок, иако до судот навремено се доставени сите овие медицински докази и од страна на одбраната се преземени сите расположливи средства предвидени со закон, но за жал, негативната тенденција и тортура кон осудениот Бојан Јовановски е поголема од сите реални факти и законски основи за уважување на барањето за прекин на издржување на казна затвор. Воедно ја информираме јавноста дека на ден 01.02.2023 година поднесено е барање за прекин и до директорот на Управата за извршување на санкциите, кој е суверен во својата одлука и не е врзан со одлуката на судот, но и од овој орган нема сѐ уште одлука“ – се жалат адвокатите на Боки-13.
Тие јавно прашуваат дали системот свесно, организирано и координирано го убива Бојан Јовановски и кому тоа му одговара.
„Кој ќе понесе одговорност за веќе настанатите последици по здравјето и животот на Бојан Јовановски“ – прашува правниот тим на Јовановски и во прилог го доставува специјалистичкиот извештај од извршената гастроскопија.