Русија во текот на ноќта изврши воздушни напади врз цели низ Украина, при што загинаа најмалку девет лица. Поради гранатирањето, нуклеарната централа Запорожје повторно беше исклучена од електричната мрежа, за да работи со помош на дизел генератори. Украинскиот претседател Володимир Зеленски остро ги осуди воздушните напади, велејќи дека Москва повторно користи срамна тактика.
Русија во текот на ноќта изврши воздушни напади врз цели низ Украина, од Харков на север до Одеса на југ и Житомир на запад. Во нападите загинаа најмалку девет лица, а неколку други се повредени.
Претседателот Володимир Зеленски остро ги осуди воздушните напади. „Непријателот лансираше 81 ракета за повторно да ги заплаши Украинците, со што се вратија на нивната срамна тактика. Окупаторите можат само да тероризираат цивили“, рече Зеленски. Во исто време, врховниот командант на украинските сили Валериј Залужни додаде дека украинската воздушна одбрана пресретнала 31 руска маневарска ракета и четири од осум беспилотни летала, пренесува британски Би-Би-Си.
Експлозии беа забележани и во Киев, каде 15 отсто од домаќинствата останаа без струја, а околу 40 отсто немаа гарантирано греење. Во Харков и Одеса се оштетени неколку станбени згради и инфраструктура, а во уште повеќе области е исклучена струјата.
Една од руските ракети погоди куќа во Золочив, при што загинаа четворица цивили, изјави регионалниот гувернер на Лавов, Максим Козицки. „Во овој момент се знае дека починале четири возрасни лица. Двајца мажи и две жени“, напиша тој на Телеграм. Гувернерот на регионот Дњепропетровск исто така извести за бројот на загинати. „Од гранатирањето загина 34-годишен маж. Повредени се 28-годишна жена и 19-годишно момче, кои во моментов се во болница“, изјави гувернерот Сергеј Лисак.
Керсон, Украина, напад, WarREUTERS (Последици од воздушните напади во Керсон)
Две лица се повредени во експлозија во областа Свјатошински, напиша на социјалните мрежи градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко. Зафатена е и јужната киевска област Холосиев, напиша и Кличко на Телеграм, додавајќи дека во моментов приближно 15 отсто од домаќинствата во градот се без струја, а приближно 40 отсто од населението во моментов немаат гарантирано греење.
„Во насилни ракетни напади, беше погоден објект на енергетска инфраструктура и оштетена е станбена зграда“, објави воениот гувернер на Одеса, Максим Марченко на Телеграм. Во регионот Харков, според гувернерот, имало најмалку 15 напади врз станбени згради и инфраструктура.
Нуклеарната централа Запорожје без струја
Во меѓувреме, украинската нуклеарна централа во Запорожје остана без снабдување со електрична енергија поради рускиот воздушен напад и моментално работи со помош на дизел генератори, објави украинскиот нуклеарен оператор Енергоатом.
„Како резултат на нападите, прекината е последната врска меѓу окупираната нуклеарна централа Запорожје и украинскиот електроенергетски систем“, напишаа тие во соопштението.
Според британскиот Би-Би-Си, меѓу погодените региони се Виниција и Ривне на западот на земјата и Днипро и Полтава во централна Украина.
Прочитајте повеќе: За кого е стратешки поважна контролата врз Бахмут?
Сè уште трае и битката во Бахмут, кој неодамна беше во центарот на борбите. Украинската војска тврди дека ги одбила интензивните руски напади врз градот, а руските сили тврдат дека ја презеле контролата врз источната половина од градот.