Ќерката на принцот Хари и Меган Маркл е крстена како „принцезата Лилибет Дијана“ на мала церемонија во нивниот дом во Калифорнија, пишува „Дејли мејл“.
Војводата и војвотката од Сасекс минатата недела присуствуваа на церемонијата што ја водеше пречесниот Џон Тејлор. Хари и Меган има право да го користи терминот „принцеза“ откако кралот Чарлс Трети дојде на британскиот трон во септември минатата година.
Странските медиуми јавуваат дека на крштевката биле поканети и кралот, кралицата сопруга Камила, принцот Вилијам и неговата сопруга Кејт Мидлтон, но не дошле. Изворот за магазинот „Пипл“ рекол дека на интимниот собир во петокот имало помеѓу 20 и 30 гости, вклучувајќи ја мајката на Меган, Дорија Рагланд, кумот на Лилибет, Тајлер Пери и неименувана кума.
Бакингемската палата сега ја ословува Лилибет како „госпоѓица Лилибет Маунтбатен-Виндзор“, но нивната веб-страница сега ќе биде ажурирана и децата на принцот Хари и Меган ќе ги добијат титулите на принцови и принцези.