„Имајќи ги предвид одлуката на Претседателот на Р. Македонија, како и поединечните решенија донесени од негова страна, судијата на претходна постапка, постапувајќи по службена должност, а во врска со поднесениот предлог за определување на мерка на претпазливост, најде дека истиот треба да се отфрли.
Во конкретниот случај мерката на претпазливост е предложена заради обезбедување на непречено водење на кривичната постапка на тогаш обвинетите во текот на постапката, а со оглед на тоа дека лицата против кои е предложена мерката со одлука на Претседателот на Р. Македонија се ослободени од гонење без спроведување постапка, односно со поединечни решенија им се дава ослободување од гонење за кривично дело наведено во предлогот поднесен од Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, судот најде дека одлучувањето по предлогот е беспредметно.
Имајќи предвид дека наведените лица се ослободени од гонење без спроведување постапка, судот постапувајќи по службена должност одлучи поднесениот предлог да го отфрли.“
Ова е цитат, од збор до збор, на дел од образложението на решението од 27 април 2016 година на судијката Славјанка Јанкоска, со кое таа го одбива предлогот на СЈО да им бидат изречени мерки на претпазливост на дел од обвинетите во предметот „Тортура“. Со ова решение, скопскиот Кривичен суд уште во 2016 година практично ја признава аболицијата којашто на обвинетите им беше доделена од Претседателот Ѓорге Иванов.
Ова е тоа решение на судијката Јанкоска:
Аболицијата укината со жесток притисок врз Иванов и со финта „11-а“
Пред точно седум години, на 12 април 2016 година, претседателот Иванов помилуваше 56 лица. Дадената аболиција претставуваше почеток на бројни протести наречени „Шарена револуција“. Освен фарбањето на институциите, чии фасади настрадаа, имаше и протести проследени со насилство, во кое беа повредени десетици полициски службеници, а страдаа и канцелариите на претседателот Иванов во центарот на градот, кои беа запалени.
Во таква политичко-безбедносна состојба, под притисок на опозицијата и под директни закани, Иванов донесе одлука да ги повлече аболициите, односно да им го одземе правото кое веќе еднаш им беше дадено на поединците кои беа под кривичен прогон.
За да може воопшто да се донесе таква одлука, со која се ускратуваат веќе дадени права на помилуваните лица, се направија и законски измени, односно се додаде Членот 11-а во Законот за помилување. Со новиот член на Иванов му се овозможи да ги повелече помилувањата. Овој член и вистински „бисер“ на нашето „револуционерно“ право – тој имаше ретроактивно дејство и важеше само 30 дена. Инаку, право за повлекување на аболиција немал ниту еден друг претседател, ниту пред, ниту после Иванов. Да повториме, тоа право беше дадено само за да се повлече аболицијата за 56 лица и траеше само 30 дена.
Поради очигледната неуставност на овој нов член во Законот за помилување, подоцна беше покрената и иницијатива пред Уставниот суд. Но, во она „револуционерно“ време, Уставниот суд ја отфрли иницијативата, со едноставно образложение дека нема основа да води постапка, бидејќи кога иницијативата дошла на дневен ред, спорниот член 11-а веќе не бил во сила. Ете затоа новата одредба била „орочена“ на 30 дена. Итро. На сѐ се мислело…
А за „Поткуп“ и за „Пуч“ аболицијата на Иванов важеше и тоа – експресно
Ваквата ситуација создаде тотална правна конфузија. Против исти лица во некои случаи аболицијата важеше, а во други случаи – не. Како што се гледа од решенијата, Судот по некои барања ги признал аболициите, но сепак не биле прекинати истрагите и истите продолжиле како воопшто да не била дадена аболиција.
За да биде уште позаплеткана целата работа, за некои лица аболицијата воопшто не важеше, а за други беше целосно применета, па истите дури и излегоа од затвор, односно им беше прекинато издржувањето на казната. Тоа посебно важеше за високите функционери на тогашната опозиција и за лицата инволвирани во незаконското прислушување.
Така, Звонко Костовски, осуден во случајот „Пуч“ по негово признание, откако го доби помилувањето беше пуштен од затвор уште на 13 април.
„Судија за извршување санкции веднаш ја достави одлуката на надлежно постапување на затворската институција за целосно ослободување од натамошно издржување казна затвор на осудениот Звонко Костовски, кој со предлог-спогодба КОК ПП бр. 131/15 од 25 март 2015 година е осуден на единствена казна затвор во траење од 3 години за кривичните дела – шпионажа, од членот 316 ст. 4 в.в со член 24 од КЗ, и неовластено прислушување, од членот 151 ст. 4 в.в со ст.1, а во врска со член 45 од КЗ“, соопшти тогаш Кривичниот суд.
Во Основниот суд Скопје 1 беше запрен и процесот „Поткуп“, во кој беше обвинет лидерот на СДСМ, Зоран Заев, со решение на судијката која го води процесот. Исто така, беше запрена постапката и за случајот „Пуч“, во кој, покрај Заев, беа опфатени и обвинети: поранешниот разузнавач Зоран Верушевски и неговата сопруга Соња, службеникот во Општина Струмица, Бранко Палифров и Ѓорги Лазаревски, вработен во МВР. Нивните имиња се најдоа во една од одлуките на претседателот Иванов за помилување – ослободување од гонење без спроведување постапка.
Ќе ги почитува ли Судот насоките на Стразбур?
Европскиот суд за човекови права, после четири години детални анализи, процени дека апликантите треба до крај да ги исцрпат сите правни лекови пред домашните институции, а на судовите им препорача да бидат ефективни и при носењето на одлуките за аболицијата на Иванов, да внимаваат да не одат спротивно на членот 6 од Конвенцијата за човекови права.
Стразбур во одлуката ја нотираше аболицијата и атмосферата, односно притисоците за нејзиното повлекување, како и молкот на домашните судови и конфузните одлуки околу тоа суштинско прашање дали таа постои или не и дали обвинетите имаат право да се повикаат на неа или не.
Предметот „Транспортер“ против поранешниот градоначалник на Битола е веќе пред Врховниот суд, а одбраната на обвинетите во предметот „Таргет-тврдина“ веќе на првото рочиште се повика на одлуката на судот во Стразбур и побара од претседателот на судечкиот совет Илија Трпков да донесе одлука по однос на важењето на аболициите уште пред да започне главната расправа односно изведувањето на докази и сослушувањето на сведоци.
Адвокатите нагласија дека ова прашање задира директно во правата на обвинетите и истото е од суштинско значење и побараа судот да се охрабри и веднаш да донесе одлука по прашањето, пред да стартува натамошната постапка, а не да чека завршување на првостепената постапка.
Прв ќе пресече судијата Трпков во случајот „Таргет-Тврдина“
Според адвокатите, непризнавањето на аболицијата е повредата на принципот на владеење на правото и на правната сигурност, кој подразбира дека законите треба да се предвидливи, јасни, извесни и прецизни, а пред се да немаат ретроактивно дејство.
Затоа сега македонските судови повторно го имаат последниот збор. Прв којшто ќе има можност да преземе иницијатива и да ја расчисти оваа правна нејаснотија е судијата Илија Трпков. Тој треба да пресече помеѓу препораките на ЕСЧП и толкувањето на ЈО и на Владата.
На првото рочиште од повторното отворање на предметот „Таргет-тврдина“, тој најави дека неговата одлука ќе ја соопшти на наредното рочиште. Јавноста очекува да види дали конечно нашите судови ќе соберат храброст да го расчистат ова специфично, но исклучително важно правно прашање.