Корпорацијата Бехтел (Bechtel Corporation) е американска градежна и проектантска компанија основана во Сан Франциско, а има седиште и во Рестон, Вирџинија. Станува збор за корпорација со голема традиција и импресивно портфолио, со огромен годишен обрт и операции на сите континенти, која има тесни врски со американската влада и особено со армијата на САД. Многу нејзини проекти имаат и политичко значење, а нејзини врвни менаџери заземале високи позиции во американската администрација.
Почетоците на Бехтел се повеќе од скромни. Основана е во 1898 година како мала компанија од ранчерот и одгледувач на говеда Ворен А. Бехтел, кој го напуштил сточарството и почнал со неколку мазги да работи на изградба на железницата во Оклахома. Добивал подизведувачки работи на железницата, а откако купил багер на пареа, меѓу првите во тоа време, неговата компанија почнала да добива многу зделки.
Во 1925 година таа станува корпорација Бехтел, заедно со синовите и браќата на Борен Бехтел. Почнува на големо да гради патишта, мостови и автопати низ западниот дел на САД. Компанијата работи на своите први хидроцентрали во дваесеттите години на минатиот век во Калифорнија.
Од тогаш до сега нејзиното портфолио е импресивно. Ја има изградено прочуената брана Хувер на Кањонот на Колорадо, нејзин проект е тунелот под Ла Манш меѓу Франција и Обединетото Кралство, метрото во Атина, работела на санирањето на нуклеарката Чернобил после хаваријата, како и на реставрација на кувајтските нафтени капацитети после Војната во заливот. Бехтел има изградено бројни подземни железници и метроа низ САД и надвор од САД, нејзин проект е познатиот Бостонски централен тунел, Брзиот транспортен (рапид) систем во Областа на Заливот на Сан Франциско и многу други.
Нејзино дело е најголемиот индустриски град на Блискиот Исток, Џунаил, изграден во 70-тите во Саудиска Арабија, како и неброени хидроцентрали, мостови, автопати и железнички пруги… Во последно време Бехтел гради и соларни и нуклеарни централи, како и постројки за производство и транспорт на течен гас.
Оваа компанија тесно соработува со американските вооружени сили и работи на проекти и истражувања за потребите на американската армија во сферата на развојот на нуклеарни централи како и нуклеарни ракетни системи, во соработка со Министерството за одбрана на САД.
Неколку високи директори на Бехтел во одредени периоди имале важни позиции во владата на САД. Во кабинетот на Роналд Реган имало двајца поранешни директори на Бехтел: Каспар Вајнбергер и Џорџ Шулц, едниот бил секретар за одбрана, а другиот државен секретар.
Компанијата има огромна инфраструктура на повеќе континенти. Главните оперативни локации на Бехтел во САД се во Хјустон, Вашингтон Ди-Си, Сан Франциско, Рестон, Вирџинија, а надвор од САД во Бризбејн, Калгари, Дубаи, Лондон, Њу Делхи, Сантијаго, Шангај, Најроби, Тајпеј и други.
Во 2017 година Бехтел е рангирана од магазинот „Форбс“ како 8. по големина приватна компанија во САД според вкупниот обрт, а 7. на листата на „Форчн“ на 25 најважни приватни компании во САД. Дваесет години по ред е рангирана како најголема градежна компанија во САД според вкупниот обрт, а 12. во светот на листата од 250 најголеми меѓународни градежни компании.