Сведоци сме на она што се случува секојдневно во говорниот и во пишаниот македонски јазик и затоа носењето на Законот за употреба на македонскиот јазик претставува навистина многу голем чекор. Со него ќе се дорегулираат правните норми за заштита и негување на македонскиот јазик и што треба секоја институција да направи за да може да придонесе кон заштита на јазикот во таа исклучително важна форма бидејќи претставува еден од шесте илјади јазици коишто активно се зборуваат во светски рамки – рече вчера министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во гостувањето на Објектив на МРТ1.
Министерката посочи дека ова претставува еден модел на дополнување, заедно со Законот за заштита на културното наследство, бидејќи македонскиот јазик е официјален јазик на територијата на целата држава, и како таков е уреден со Уставот.
– Бидејќи ние сме земја потписничка на конвенцијата на УНЕСКО за заштита на материјално и нематеријално наследство, македонскиот јазик е дефиниран како духовно наследство и претставува и треба да ужива категорија на заштита од највисок вид. Сметам дека со овој закон ќе се придонесе да се доунапредат јазичните норми во јавното говорење и да одговориме на сите измени што се случуваат, но и да ги дорегулираме. Она што мене ми е навистина драго е да продолжиме да го афирмираме македонскиот јазик и надвор од границите на нашата држава, дали тоа ќе биде во рамките на културно-информативните центри на нашата држава што ги имаме воспоставено или преку соработка со разни странски универзитети каде што, морам да кажам, забележуваме навистина голема заинтересираност за изучување на македонски јазик – истакна таа.
Министерката појасни дека Законот за употреба на македонскиот јазик веќе е влезен во владина процедура и откако ќе се добијат потребните мислења од релевантните институции, влегува во собраниска процедура.
Костадиновска-Стојчевска додаде дека секојдневно сме сведоци на злоупотреба и неправилна употреба на македонскиот стандарден јазик и навистина има потреба многу лектори да се вработат во државни институции, а тоа ќе поттикне и нови студенти да се запишат на оваа група на Филолошкиот факултет.
– На крајот на денот, јас мислам дека навистина треба да ја зголемиме и свеста за да си го почитуваме сопствениот јазик, бидејќи треба да одговориме на секоја општествена промена што се случува, но мораме да си го зачуваме јазикот таков како што ни е уникатен, со свои особености, онаков со каков што се гордееме. Ако ние немаме свест како треба да се пишуваат имињата на фирмите, на пример, да биде тоа модерно име, име што ќе одговори, што сакаат да го слушнат младите и ќе биде атрактивно некаде надвор од државата, сепак мора да бидеме и свесни дека ние сме Македонци и дека тоа име треба да соодветствува на нашата земја на нашиот јазик – додаде таа.
Според неа, иако имало наслови во медиумите дека министерката ќе казнува за да го наполни буџетот, сепак ќе биде формиран Инспекторат чија функција ќе биде во насока на подобрување на употребата на македонскиот јазик. Улогата на Инспекторатот е да следи дали навистина ќе се вработуваат лектори во институциите, и да укажува за неправилности при употребата на македонскиот стандарден јазик.