Очекувам дека со ова судење конечно ќе се добие правдата и ќе се открие кои се натрапниците во нашата професија и конечно ќе се поделиме на професионални новинари и на некои што се самонаречени новинари, изјави новинарката Валентина Вурмо, оштетена во случајот во кој сопственикот на веб порталот „ДоказМ“ е обвинет за повеќе кривични дела.
По првото рочиште за процесот, таа изјави дека и покрај тоа што во ова судење се појавуваат само неколкумина оштетени, според неа, оштетените се многу повеќе на број. Вурмо посочи дека има поголеми очекувања од другиот предмет што го отвори Скопското обвинителство против Стаменковски.
– Повеќе очекувам од вториот предмет, кој Скопското обвинителство го отвори за овој случај, бидејќи таму очекувам да се изнесат детали и докази за тоа кој ги правел нарачките на лажните текстови, кој учествувал во подготовката, и посредниците и нарачателите да седнат на обвинителна клупа – рече Вурмо.
Новинарката Ирена Мулачка, исто така, изјави дека очекува правдата да биде задоволена.
– Мислам дека е редно време, после толку долго време и после толку уништени и срозени семејства од страна на Марјан Стаменковски, да се стави крај, да биде задоволена правдата и да се знае дека не може во државата на кој што ќе му текне да пишува, кој како сака да те омаловажува и понижува – рече Мулачка.
Таа очекува судскиот процес да биде по скратена постапка и, како што рече, „конечно секој да одговара за тоа што го направил“.
Судењето против сопственикот на порталот „ДоказМ” кој се товари дека преку веб порталот во негова сопственост сторил повеќе кривични дела, се одложи за 10 март, откако бранителот побара изземање на сите обвинители од Скопското обвинителство поради можноста да се јават како оштетени во постапката. Судот потоа информираше дека ќе чека Вишото Јавно обвинителство да одлучи по ова барање, односно, дали ќе се прифати барањето за изземање на Скопското обвинителство.
По предлог на јавната обвинителка Зорица Павловиќ судијката Марија Клетничка Марковска донесе решение да ја исклучи јавноста од денешниот претрес, заради заштита на приватниот живот на оштетените и сведоците.
Стаменковски се товари дека преку веб порталот во негова сопственост, сторил кривични дела „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“, „уцена“, „пиратерија на аудиовизуелно дело“ и „злоупотреба на лични податоци“. Предметот беше оформен по поднесени кривични пријави против обвинетиот од повеќе жртви во текот на 2022 и од почетокот на 2023 година.