Судењето против сопственикот на порталот ДоказМ кој се товари дека преку веб порталот во негова сопственост, како средство за извршување, сторил повеќе кривични дела, се одложи за 10 март, откако бранителот на обвинетиот побара изземање на сите обвинители од Скопското обвинителство поради можноста да се јават како оштетени во постапката.
Судот потоа информираше дека ќе чека Вишото јавно обвинителство да одлучи по ова барање, односно, дали ќе се прифати барањето за изземање на Скопското обвинителство.
На почетокот на првото насроченото рочиште денеска јавната обвинителка Зорица Павловиќ предложи до судот јавноста да се исклучи од отворањето до крајот на главната расправа, бидејќи, како што рече, „се работи за кривични дела против моралот, а исклучувањето на јавноста е потребно заради заштита на приватниот живот на оштетените и сведоците“. Судот го прифати овој предлог и донесе решение за исклучување на јавноста.
Основното јавно обвинителство Скопје, по спроведена претходна постапка поднесе обвинителен предлог против Марјан Стаменковски, сопственик на порталот ДоказМ, кој се товари дека преку веб порталот во негова сопственост, како средство за извршување, сторил кривични дела „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“, „уцена“, „пиратерија на аудиовизуелно дело“ и „злоупотреба на лични податоци“.
Предметот беше оформен по поднесени кривични пријави против обвинетиот од повеќе жртви во текот на 2022 и од почетокот на 2023 година, а во врска со објавени содржини на неговиот веб портал. Пријавите се од две новинарки од неделникот „Фокус“ и еден владика.
На денешното рочиште беа присутни оштетените Валентина Вурмо, Ирена Мулачка, Александра Милчевска, Марина Јовановска, Блерим Рамадани и Роберт Петров.
Процесот го води судијката Марија Клетничка Марковска, а застапник на обвинението јавната обвинителка Зорица Павловиќ.