Судењето на Марјан Стаменковски, сопственик на порталот ДоказМ, почна со исклучување на јавноста, затоа што во текот на ова судење се очекува да бидат изнесени информации за приватниот живот на некои јавни личности.
Обвинителката Зорица Павловиќ предложи да се исклучи јавноста од предметот затоа што се работи за кривични дела против моралот и за да се заштити приватниот живот.
– Бидејќи се очекува изнесување на лични и интимни односи, детали од животот на семејствата на оштетените, затоа обвинителството смета дека е потребна заштита на оштетените и сведоците кои се во поголем број, а истите досега преку интернет порталот биле подложни на говор на омраза – рече Павловиќ.
Судијката Марија Клетничка Марковска која го води процесот го прифати предлогот од отворањето на заседанието до завршување на јавна рссправа да се исклучи јавноста во дел од расправата или цела.
Уцени, пиратерија, ширење расистички и ксенофобични материјали и злоупотреба на лични податоци се кривичните дела за кои се товари Стаменковски. Од Обвинителството, по приведувањето и одредениот притвор за Стаменковски пред еден месец, ги повикаа сите кои биле жртви на сопственикот на „ДоказМ“ да се охрабрат и да го пријават.
Предметот беше оформен по поднесени кривични пријави против обвинетиот од повеќе жртви во текот на 2022 и од почетокот на 2023 година, а во врска со објавени содржини на неговиот веб портал. Пријавите се од две новинарки од неделникот „Фокус“ и еден владика.
Во претресот во станот каде живее Стаменковски беа пронајдени документи, електронски уреди кои се вештачат, како и поголема сума пари за кои постои сомнеж дека потекнуваат од кривично дело.
На денешното рочиште беа присутни оштетените Валентина Вурмо, Ирена Мулачка, Александра Милчевска, Марина Јовановска, Блерим Рамадани и Роберт Петров.