Надлежните органи на државата Њујорк покренаа истрага за да утврдат што го предизвикало смртоносното стампедо на хип-хоп концерт во градот Рочестер, во кој еден загина и девет се повредени, се вели во вчерашното соопштение на полицијата.
– Според тврдењата на очевидци, по концертот, околу 23 часот кога толпата почнала да се разидува, се слушнале истрели – потврдил началникот на полицијата Дејвид Смит на прес-конференција, пренесува Ројтерс.
Тој рекол дека има извештаи за истрели кои предизвикале паника во толпата.
Смит истакнал дека полицијата не пронашла докази кои би ги поддржале овие тврдења.
Полицијата открила три тешко повредени жени, од кои едната подоцна починала во болница, а другите две се хоспитализирани во критична состојба.
Градоначалникот на Рочестер, Малик Еванс, го нарече смртоносното стампедо „целосно неприфатливо“ и вети темелна истрага за тоа дали организаторите на концертот спровеле соодветни безбедносни мерки со оглед на масовниот собир.