Полскиот премиер Матеуш Моравјецки повика на воведување поостри антируски санкции, изјавувајќи дека за него нема „црвени линии“ кога станува збор за економските санкции кон Русија.
-За мене не постојат црвени линии во однос на економските санкции против Русија. Навистина треба да бидеме доследни и да нема веќе исклучоци во блокадата на банките и одземањето на имотот на олигарсите. Неопходно е да нема веќе визи за руските граѓани и да биде замрзнат целиот имот на членовите на партијата Единствена Русија- изјави Моравјецки во интервју за германскиот весник „Билд“.
Покрај тоа, тој уште еднаш повика да се запре увозот на енергенси од Русија.
-За да се реализира тоа, потребно е што поскоро целосно енергетско ембарго од страна на Германија и Европската Унија – изјави полскиот премиер.
Полскиот премиер ги повика лидерите на земјите на Европската Унија, САД и на Велика Британија да го посетат главниот град на Украина за да покажат солидарност.
Тој им порача на германскиот канцелар Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон, американскиот претседател Џо Бајден, британскиот премиер Борис Џонсон и другите лидери да отпатуваат во Киев, да погледнат во очите на жените и децата таму и да им помогнат да ги спасат нивните животи и нивната независност. Тој рече дека Украинците се борат за вредностите на Европа и западниот свет.
Премиерите на Полска, Чешка и Словенија во вторникот отпатуваа за Киев со воз и се сретнаа со украинскиот претседател Володимир Зеленски во знак на поддршка.