Јавните дебати за уставните измени нема да ги зближат Македонците и Бугарите

Lorita
By Lorita 10 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Мајските јавни дебати за уставните измени што ги најави премиерот Димитар Ковачевски нема воопшто да ги променат резултатите од анкетите коишто прикажуваат дека цели две третини од граѓаните во Македонија се против отворање на Уставот и против внесување на Бугарите во Преамбулата. Всушност, најавените јавни дебати за уставните измени во овој момент се потполно бескорисни и тие нема да сменат баш ништо во поглед на градењето општествен консензус.

Ваков е ставот на дел од аналитичарите со коишто разговараше Плусинфо, а кои сметаат дека ваквите обиди на власта за градење општествен консензус се задоцнети и дека јавните дебати требало да се водат уште пред да се изгласа т.н. француски предлог во Собранието.

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски забележува дека отворањето на Уставот и внесувањето на Бугарите во Преамбулата веќе долго време е жешка тема во македонската политика, а како што вели, властите сега се сетиле дека треба да се водат јавни дебати со експертската јавност.

Што ако следното бугарско барање биде загарантирани министерски позиции за Бугари во македонската Влада? Што ако бараат загарантирани кметови, односно градоначалници?

Синиша ПекевскиПолитички аналитичар

– Ако сакаа, властите тоа ќе го стореа многу порано, а сега веќе е доцна. Јавната дебата што ќе се води во мај е задоцнета дебата и таа нема ништо да промени. Во отсуство на било каков позитивен пример зошто треба да ги внесеме Бугарите во Уставот, ние се изнаслушавме дека власта во Македонија делува проевропски, додека, пак, опозицијата делува антиевропски. И врапчињата на дрвјата знаат дека ќе следува некој нов услов дури и да ги внесеме Бугарите во Преамбулата. Треба да ни биде јасно одговорено дали уставните промени ќе бидат последното барање од страна на Софија. Што ако следното бугарско барање биде загарантирани министерски позиции за Бугари во македонската Влада? Што ако бараат загарантирани кметови, односно градоначалници? Дебатите можат да бидат успешни само доколку власта ги отвори сите карти и доколку успее да изнајде одговори на сите незгодни прашања кои ќе бидат поставени – вели Пекевски.

Ако, пак, не се случат уставните измени, а по сѐ изгледа дека ќе биде така, посочува тој, тогаш повторно ќе настапи статус-кво ситуација во поглед на евроинтеграциите.

– Позицијата на решавање на овој предизвик не е во наши раце, туку е во рацете на ЕУ и на САД. Ако сакаат големите сили да го решат овој проблем, тогаш ќе го решат. Не мора ние секогаш да бидеме оставени на слеп колосек – коментира Пекевски.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека граѓаните не треба да имаат големи очекувања од јавната расправа којашто ќе се одвива во мај годинава, бидејќи, како што објаснува, само во првата фаза е потребна поддршка од најмалку 80 пратеници за да би се изгласале уставните измени, а еден таков „луксуз“, во моментов, власта не може да си го дозволи.

– Двете најголеми политички партии во земјава имаат дијаметрално спротивставени ставови за уставните измени и за внесувањето на Бугарите во Уставот, но градењето општествен консензус секако дека може да помогне во тој процес, иако не знаеме дали ќе нѐ пренесе преку линијата за да се спроведат тие уставни измени. Беспредметно е да се разговара за отворање на тој процес сѐ додека не се изгради политички консензус, бидејќи без гласовите на 80 пратеници не може да се заврши ни првата фаза. Треба да си го поставиме прашањето дали ние сакаме да го продолжиме процесот на пристапување кон ЕУ или не сакаме. Истото ова прашање треба да си го постави и секоја политичка партија во Македонија, оти бадијала разговараме за уставните измени ако не разговараме за тоа дали е прифатлива преговарачката рамка. А уставните измени се само една мала варијабла во целата таа преговарачка рамка. Ние мора да го отвориме тој процес и токму за тоа да дебатираме, а не за уставните измени кои се зрно песок на плажата – рече Арсовски во гостување на Сител.

Сличен став дели и професорот Александар Спасеновски, кој посочува дека власта не смее во никој случај да ги игнорира анкетите на јавното мислење кои покажуваат дека две третини од граѓаните се против впишување на Бугарите како конститутивен народ во Уставот.

- Advertisement -
Ad image

Политичките партии, додава тој, не можат да туркаат процес против волјата на народот.

– Во моментов, власта може да смета на максимум 70 пратеници коишто би ја поддржале најавената уставна измена. Мислам дека партиите од власта го прават овој потег за да го зајакнат наративот во јавноста за постоењето на провладиниот проевропски блок, наспроти опозицискиот антиевропски блок. Повеќе од две третини од јавноста остро се противи на отпочнувањето постапка за промана на Уставот согласно одредбите од т.н. француски предлог. Според мене, тоа претставува огромна тешкотија за партиите од власта да ја отпочнат постапката за уставни измени, но уште повеќе да најдат нови сојузници помеѓу останатите политички партии кои имаат свои пратеници во Собранието. Јас сметам дека Македонија нема да ја отпочне постапката за уставни измени, туку ќе се соочи со нова блокада на нејзиниот евроинтегративен пат – објаснува Спасеновски.

Дебатата за уставни измени, според премиерот Димитар Ковачевски, мора да почне на експертско ниво, бидејќи најпрво треба да се напишат уставните амандмани за да можат граѓаните да видат како изгледаат тие амандмани.

- Advertisement -
Ad image

– Тоа ќе го направат експерти од Министерството за правда, универзитетски професори и сигурно претставници на политички партии. Во однос на вклучување на сите политички партии, нормално дека тие ќе бидат вклучени во самиот процес, бидејќи процесот на уставни измени предвидува вклучување на сите во Собранието, бидејќи тој се одвива во Собранието во неколку фази. Нашите граѓани сакаат да живеат по европски стандард, заслужуваат да живеат по европски стандард, а тоа се прави во земја членка на ЕУ, меѓутоа нашите граѓани заслужуваат да живеат во земја членка на ЕУ, но тука дома во Македонија, а не да живеат во туѓа земја-членка на ЕУ – рече Ковачевски.

За лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, пак, уставните измени не се приоритет за граѓаните.

– Уставните измени не ги споменува никој од граѓаните и тие постојат само во главите на неколку политичари кои ниту самите не веруваат дека тоа е добро. Ако ги прашувате граѓаните кои се нивните приоритети, тие ќе ви набројат најмалку 15 приоритети и ако не ги потсетите на уставните измени, никој нема да ги спомне. Секој политичар и пратеник треба да знае дека уставни измени не се за вклучување на дел од бугарскиот народ во преамбулата, туку за спас на политичката кариера на Артан Груби, Али Ахмети, Димитар Ковачевски, Бојан Маричиќ и останатите. Ова нема врска со Европа, освен со криминал и пари што ги крадат од народот – рече Мицкоски.

Уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот се услов за отворање на првиот преговарачки Кластер. Во моментов Македонија го спроведува објаснувачкиот и билатералниот скрининг за усогласување на законодавството со ЕУ, и според проценките треба да заврши до ноември 2023 година.

Референдум за уставните измени?

Веднаш по заминувањето на оваа власт, кое е неминовјно, потребно е да се распише задолжителен референдум за уставните измени, вели лидерката на Глас за Македонија, Солза Грчева, во интервју за весникот Вечер.

– Не мислам дека ќе дојде до уставни измени. Да имаа мнозинство за измените, и досега ќе беа изгласани. На македонската опозиција ѝ се вршат големи притисоци, но мислам дека нема да попушти на ова прашање. Според мене, измените не се толку страшни колку што се отвора преговарачката рамка со вградениот протокол и практично со вградената Декларација изгласана во бугарското Собрание. А, тие се веќе погубни за нас, Македонците, и за нашиот идентитет. Според мене, веднаш по заминувањето на оваа власт, кое е неминовно, треба да се распише задолжителен референдум за ова прашање. И сега околу 78% од граѓаните се против уставните измени – смета Грчева.

Share This Article