More

    Говорот кај децата е пасивен и хаотичен

    spot_img

    Љубовта кон децата и желбата еден ден да работи со нив, биле главен мотив за Зорица Шикоска, при изборот на факултет, работата да и биде директно поврзана со деца и одлучила да стане логопед. Речиси 20 години таа е успешна во својата професија, посветувајќи им се целосно на најмладите.

    Состојбата со говорот кај најмладите, забележа таа, од година во година е се полоша, а причината ја гледа во екранизацијата. Токму затоа, препорачува насочено и ограничено седење пред компјутер, телевизор или со телефон во раце.

    – Како што минува времето состојбата со говорот кај дечињата е многу хаотична. Првично, децата немаат доволно развиен говор или им е нарушен говорот, затоа што ги користат телефоните. Да тоа е точно, екраните си го прават своето, но родителите се тие, кои имаат најголема улога во развојот на говорниот апарат кај дечињата, затоа што немаат комуникација со нив. Ние како родители се враќаме од работа дома и најлесно ни е, еве го телефонот гледајте. Ја немаме таа комуникација со децата да ги прашаме првично како сте, дали сакате нешто, ајде заедно да поиграме. Ги истураме коцките во собата и викаме ајде играј си сега. Секоја игра треба да биде насочена со дечињата, на тој начин можеме да го поттикнеме говорниот развој кај децата – смета Шикоска.

    Според неа, користењето телефони и комјпутери и гледањето телевизија треба да е умерено, односно ограничено и насочено.

    – Точно е дека телефоните помагаат, но само ако ги гледаме и слушаме цртаните на македонски јазик. Кај нас дечињата паралелно го учат македонскиот и англискиот јазик. Да, некои дечиња ја имаат таа способност да ја направат паралелата дека боите можат да ги кажат и на македонски и на англиски јазик, но многу често 90 отсто од децата првично го учат англискиот јазик, тоа е така зошто него го слушаат. Нивното внимание е насочено кон телефоните, кон цртаните филмови и игрите што ги играат, а тоа им е приложено на англиски јазик – истакнува Шикоска.

    Како стручно лице советува децата никако да не се хранат со телефон во раце, туку да се оставаат сами да јадат.

    – Детето треба да се научи правилно да ја држи лажицата. Очекуваме дека ќе почне во училиште и ќе му дадеме моливче во рака и бараме да направи права линија. Како ќе ја направи таа права линија кога не знае да ја држи лажицата – децидна е Зоре.

    Децата до шест години, со кои и работи Зорица, до пред некое време најчесто се соочувале со нарушување на гласови, правилен изговор на буквите „р“, „л“, или замена на гласот „с“ со „ш“, „з“ со „ж“. Во последно време нагласува дека нема развиен говор кај дечињата.

    – До три ипол, па и четири годишна возраст децата немаат реченица. Немаат основна комуникација, многу е оскудно усното изразување, а камо ли да раскажат приказна. Тоа е поврзано со работата дома. Уште додека бебето е во утробата кај мајката, ние треба да му зборуваме. Кога ќе се роди ќе речеме, ах ништо не разбира, но тоа се не разбира. Не следи со поглед, ги врти очињата ако некој му зборува, па тогаш да му зборуваме постојано – истакнува Шикоска.

    Доколку до третата година детето нема развиен говор, потребно е да се побара стручна помош односно да почне со работа со логопед.

    – Доколку детето целосно го разбира говорот, кога мајката му кажува да донесе одреден предмет или да изврши одредена задача, односно кога родителите се свесни дека детето комплетно го разбира говорот тогаш велиме ајде да не се грижиме ќе се пушти говорот. Меѓутоа кога детето не ве следи со поглед, не се врти на своето име кога му се обраќаме, тогаш одма на третата година треба да се почне со работа со логопед – смета Шикоска.

    Иако смета дека дечињата треба да се следат уште од најрана возраст, сепак поради бројот на деца со кои работи во градинката, го следи говорот на дечиња од три до шест години.

    – Провоцираме пасивен речник. Знаеме дека детето го разбира говорот, но треба да го активираме тој пасивен речник, да го збогатуваме речникот додека работиме, ги корегираме сите гласови и замената на гласовите. Работиме на комплетирање реченица, на усно изразување. Тоа ми е многу важно. Подобро на шест години да не кажува правилно некоја буква, но да може да ја раскаже приказната, да може детето да праша да се заинтересира за нешто, а не само да чекаме и да повториме – посочува Шикоска.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img