Пекарската индустрија од утре го прекинува бојкотот и ќе ги почитува одлуките на владата за замрзнување на цената на полубелот и белиот леб на 33 денари и за производство на одредени количини на леб со замрзната цена, но преку суд ќе бара надомест на штета за периодот на траење на одлуките.
Пекарската индустрија, како што информира денеска претседателот на Групацијата на мелничко пекарската индустрија Горан Малишиќ има моментална загуба од 1,5 милиони евра, а до крајот на траење на владините одлуки 31 мај таа ќе изнесува повеќе од 4,5 милиони евра.
– Иако адвокатски тимови кои ги консултиравме утврдија дека последните одлуки на владата во врска со производството и цената на лебот се неуставни и незаконски, но со цел да се почитуваат потребите на граѓаните, пекарите одлучија да ги почитуваат последните две владини одлуки, но ќе поткренат правна постапка за надомест на штетата, бидејќи во наредните 3 месеци ќе се обидат да преживеат, со намалено производство и намален број на вработени. Поради наметнатите загуби, пекарската индустрија е принудена да се приспособи и да ги намали цените за одредени видови леб, но и да намали на бројот на вработени за да опстане во иднина. На овој начин индустријата во наредните три месеци, ако остане одлуката само за три месеци, ќе бара начин да опстане – рече Малишиќ.
Тој додаде дека правните тимови кои ги консултирала оваа индустрија укажале дека има последните две владини одлуки немаат законска основа бидејќи сите извештаи од инспекциските служби направен во периодот декември март, кои ги поседуваат и компаниите кои биле контролирани, покажуваат дека биле почитувани претходните мерки.
– Спротивно на одлуката се потврдува со записниците од инспекторатите дека од 1 декември па сè до крајот на февруари се почитуваат сите мерки и претходните одлуки што владата ги донела – рече тој.
Малишиќ додаде дека штом се дозволи овие одлуки на владата за лебот да поминат сега може да се очекува и замрзнување на други прехранбени индустрии кои исто така ќе имаат загуби.
– Тоа денеска го најави и премиерот Димитар Ковачевски во изјавата во која рече дека се прават анализи и за други производи од прехранбениот сектор – додаде тој.