Германија побара од Швајцарија да и продаде дел од своите тенкови Леопард II, за да може да додели поголема воена помош за Украина, објави во петокот швајцарскиот весник Blick.
Како што пишува Blick, Германија бара Швајцарија да продаде дел од своите тенкови на производителот Rheinmetall, за да се пополнат празнините во вооружувањето на членките на ЕУ и НАТО.
Германија, Полска, Португалија, Финска и Шведска се меѓу земјите кои испраќаат леопарди во Украина, но со тоа тие го разредиле својот воен арсенал.
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус и министерот за економија Роберт Хабек ја информирале швајцарската министерка за одбрана Виола Амхерд за нивната намера во писмо од 23 февруари, пишува Blick. Тие бараат од Берн да се согласи со продажбата, со ветување дека швајцарските тенкови нема да завршат во Украина.
Законите за неутралност и ембаргото за оружје на Швајцарија ја спречуваат директно да испраќа оружје во Украина, а ако се согласи со барањето на Германија, швајцарскиот парламент ќе бара официјално да ги прогласи тенковите надвор од употреба, објаснува весникот.
Швајцарското Министерство за одбрана соопшти дека германското барање се разгледува.
„Од воена гледна точка, во принцип, имајќи ги предвид потребите на Швајцарија, би било можно да се откаже од помал број тенкови“, изјави портпаролот на министерството.
Во претходните случаи, Берн ги отфрли барањата на Германија, Шпанија и Данска за извоз на претходно купена швајцарска муниција во Украина.
Прашањето за извоз на швајцарско оружје во воените зони во Швајцарија се повеќе предизвикува поделба бидејќи зголемената јавна и политичка поддршка за Украина врши голем притисок врз Берн.