Очекувам некаде во мај да почне процедурата во Собранието за уставните промени – изјави потпретседателот на СДСМ Стефан Богоев во вечерашното интервју за емисијата „Патот кон“ на Алсат М телевизија.
Одговарајќи на прашање кога би се очекувал почетокот на процедурата за носење на уставните измени, потпретседателот Богоев посочи дека според предвиденото тоа ќе се случи кон крајот на пролетта.
– Со заокружување на процесот на реконструкција на Владата, очекувам да почнат разговори околу јавната широка дебата околу уставните амандмани, да се отвори дискусија и со пратениците и со стручната фела, да им се објасни на граѓаните, што значи тоа, да им се објасни дека тоа значи делови од народи, дел од Бугарите, Хрватите, Црногорците, Торбешите, да бидат застапени во Уставот. Да се дискутира со стручната фела како тие амандмани најдобро да изгледаат, но и да се објасни дека тоа може само да ја зајакне Македонија, не може да ја ослаби. Ако тоа се случи по завршување на реконструкција, тој процес на широка дебата би требало да заврши некаде кон крајот на пролетта и почетокот на летото, односно месец мај би бил месецот кога би започнала процедурата за уставните измени во Собранието, порача Богоев.
Според Богоев, уставни измени се важни за членството во ЕУ кое значи бројни придобивки за граѓаните и државата.
– Членство во ЕУ значи повеќе пари во државата, повеќе инвестиции, повеќе работни места, поголем извоз на фирмите кои произведуваат тука а ќе можат да извезуваат. ЕУ значи подобри можности за образование на младите од Македонија, можност да одат да студираат таму а знаењето од ЕУ да се вратат и да го имплементираат тука – рече Богоев.
Богоев потсети дека само во изминатите неколку месеци поддршката од ЕУ за земјава е над 200 милиони евра.
Двотретинско мнозинство е потреба на државата, затоа што имаме историска шанса да ја оствариме европската иднина, порача потпретседателот на СДСМ, повикувајќи ги сите пратеници и политички партии интересите на државата да ги стават на прво место.
Богоев го коментираше и однесувањето на опозицијата по однос на ова прашање, првенствено на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски.
– Жално е да пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да потпишуваат нотарски изјави, Мицкоски и челници на партијата да водат кампања за наводна за бугаризација и асимилација, а во позадина да одат по амбасади и даваат гаранции дека доколку тие дојдат на власт, без проблем ќе ги спроведат уставните измени, истакна Богоев, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ досега не учествувала во ниту една државничка одлука важна за иднината на граѓаните.