Владата мора да го заштити јавниот интерес и да обезбеди леб за граѓаните. Ако е потребно да воведе принудна управа во компаниите кои со бојкот реагираат на вчерашната одлука на владата за замрзнување на цената на најпродаваниот леб и да им ги запре субвенциите за струја, бидејќи тие не го испочитуваа договорот од ноември. И двете страни во оваа расправијата не смеат да дозволат граѓаните да бидат оштетената страна, бидејќи тие го полнат буџетот од кој се субвенционираше цената на струјата за прехранбениот сектор и требаше да добијат поевтин производ, велат експерти и економисти.
Граѓаните, пак, очекуваат владата да најде решение за да има леб во продавниците, а пекарската индустрија денеска молчејќи почна да ја реализира заканата за бојкот. Во многу продавници изутрината не можеше да се најде леб.
Државата мора да го штити јавниот интерес
Професорот Здравко Савевски смета дека владата треба итно да реагира со мерки кои ѝ стојат на располагање и да спречи натамошен недостиг на леб во продавниците.
– Владата треба да го штити јавниот интерес и итно да реагира со мерки за да го спречи бојкотот на приватните пекарници кои го штитат својот капитал на штета на јавниот интерес и граѓаните. Една од мерките е воведување принудна управа во компаниите кои бојкотираат. Искуството од случајот со парното и приватната компанија БЕГ од пред една година е доволно тоа да се направи по итна постапка, бидејќи граѓаните не смеат да останат без еден од главните егзистенцијални производи – лебот повеќе од ден или два – вели Савевски.
Според него, владата многу задоцни со запирањето на субвенциите за струја за овие компании и замрзнувањето на цената на лебот.
– Иако многу задоцни со овие мерки Владата донесе нужна и логична одлука за безобразното однесување на пекарската индустрија – да земаат пари од државата, а да не испорачуваат ништо за возврат на тоа – вели тој.
Според него и пекарската индустрија треба да ги почитува законите во државата кои се однесуваат на штрајкот или бојкотот.
– Во услови на штрајк или бојкот, на пример, на работниците во сектори од јавен интерес, како здравство, пропишано е да се овозможи процес на работа за да не се наштети на јавниот интерес односно на граѓаните. Во овој случај пекарската индустрија треба да обезбеди одредена количина на леб за граѓаните. Токму ова е причина за итна реакција на Владата со воведување на принудна управа во компаниите. Овој механизам е законски и владата го има на располагање – додава тој.
Пекарската индустрија треба да се преиспита
Маријанчо Николов, економист и поранешен пратеник смета дека пекарската индустрија треба да се преиспита во однесувањето и да признае дека вети, но не одговори соодветно на договореното со владата и дека сега се штити со уцени кога владата го почитува договорот.
– Тие во ноември на преговори со владата отидоа со направени пресметки за тоа колку би можеле да ја намалат цената на лебот, ако владата им ја субвенционира струјата. Тогаш изјавија дека ќе има намалување на цената од 10 отсто, ако не се променат другите влезни трошоци во производството. Владата им ги исполни барањата, но тие не ги намалија цените за договорениот процент. Имаше одредени намалувања, но тие не беа на ниво на договорот од 10 отсто колку што ветија. И владата пресече. Сега треба да бидат искрени и да ги објават јавно пресметките и да дадат образложение што се променило од ноември лани до март годинава што било причина да не се намалува цената. Граѓаните кои ја финансираа нивната поевтина струја треба да ги знаат деталите – вели Николов.
Според него, доколку условите во меѓувреме се промениле, пекарската индустрија навреме можела да побара нови преговори со владата и да се донесат други решенија.
– Не смееше да се дозволи сето ова да се истури врз грбот на граѓаните на кои овој леб им е значаен за преживување. Решенија секако дека има, а едно е да се користи поевтино брашно од државните резерви за производство на лебот со замрзната цена. Најавата дека немаат работници или дека ќе ги затворат фирмите и ќе отпуштат работници ги гледам само како форма на притисок и уцена за да се издејствува револт кај граѓаните и да се преговара за нови привилегии што требаше да почнат и да завршат пред реакцијата на владата – вели тој.
Податоците за работата на пекарската индустрија минатата година, додава тој, се повеќе од добри односно сите оствариле профит.
И граѓаните бараат итна реакција на владата
– Владата мора да реагира бидејќи без леб повеќето од нас не можат да поминат ниту ден, а не да чекаат пекарите да бојкотираат. Каде е сега министерот Крешник Бектеши да ги пушти инспекторите и да утврди зошто нема леб во продавниците. Не барам да им попуштаат на пекарниците, туку да најдат начин како да им се обезбеди леб на граѓаните – вели револтирана граѓанка.
Дел од граѓаните веќе почнаа да купуваат брашно и сами да печат дома леб.– Неодамна добив на подарок машина за печење леб. Некако не успевав да одлучам да почнам сама да правам леб, но сега ќе мора тоа да го направам за да не зависам од пекарниците. Купив и брашно. Вака да се живее во неизвесност е срамота. Добиваа пари од државата не ги намалија цените на лебот и сега се лути на владата што им ги секна парите. Мисли некој на граѓаните како ќе истераат без леб денеска. Не ли забораваат дека сите не можат да купат од скапите лебови, туку трчаат по основниот полубел и бел леб – вели скопјанка.
Плусинфо праша во владата и во инспекциските служби дали се подготвуваат други мерки и инспекциски контроли.
-Владата нема да дозволи неоправдано покачување на цените. Одлуката за замрзната цена на белиот и полубелиот леб е донесена откако беше оставен доволен период за усогласување на цените по последниот пакет антикризни мерки со навремена и реална помош од државата. Иако производителите на основните прехранбени производи добиваа субвенционирана електрична енергија, инспекцијата констатираше дека дел од производителите не ги намалија цените или ги намалија незначително. Инспекторите на Државниот пазарен инспекторат се на терен за утврдување на фактичката состојба и контрола на грамажата и цената, а за резултатите од увидот, јавноста ќе биде информирана. Одлуката на Владата, што е во интерес на граѓаните, останува. Институциите ќе реагираат соодветно за да ги заштитат – одговорија од владата.
Бектеши вети инспекции
Пред една недела, кога најави дека владата ќе ја запре субвенцијата за струјата во прехранбениот сектор и ќе ја замрзне цената на основниот леб, министерот за економија Крешник Бектеши рече дека владата има на располагање повеќе мерки ако пекарниците бојкотираат и ќе ги преземе. Но основно е, рече, дека прво ќе ги пушти инспекторите на терен.
– Ние како Министерство за економија и Влада имаме механизми да донесеме заклучоци за другите институции, кои треба да бидат независни. Така сме поставени, вклучувајќи го Државниот пазарен инспекторат, но и Комисијата за заштита на конкуренцијата. Во согласност со нашите податоци, во Скопје има голема разлика на цената само на овие два производа, а пазарот го покриваат не повеќе од 3-4 компании. Комисијата за заштита на конкуренција и Државниот пазарен инспекторат во согласност со Законот за трговијата и Законот за заштита на потрошувачите има одредби што треба да ги утврдат од надзорот што би ги направиле. Вие знаете кои се тие одредби – рече Бектеши.
Пекарите велат, кажавме што имавме да кажеме
Пекарниците на ова се заканија дека ќе престанат да произведуваат леб и да го носат на пазарот ден по објавувањето на одлуката за замрзнување на цената на лебот во Службен весник.
Оваа индустрија смета дека замрзнувањето на цената на 33 денари неминовно води кон затворање на компаниите оти сите веќе бележат загуби или се на нула.
Претседателот на групацијата на мелничко пекарската индустрија Горан Малишиќ утрово не сакаше да ги коментира настаните.
– Нашата одлука ја кажавме пред три дена. Немам што да кажам сега. Треба да одржиме состанок по што ќе излеземе во јавност – изјави тој за Плусинфо откако утрово во продавниците во Скопје немаше свеж полубел и бел леб.
Николовски: Ги штитиме граѓаните
Министерот за земјоделство Љупчо Николоски денеска изјави дека владата ја донела одлуката за да ги заштити граѓаните.
– Граѓаните мора да се заштитат. Станува збор за само два продукти што ги произведуваат пекарниците во време кога е намалена цената на електричната енергија и брашното. Со месеци сите ние плаќаме за голем дел од компаниите да добиваат повластена електрична енергија која во последниот период е со намалена цена, а со намалена цена е и брашното. Сето тоа доведе до одлуката која ги штити граѓаните–рече министерот за земјоделство.
Тој додаде дека граѓаните очекуваа пониски цени на основните прехранбени производи, односно резултат од државната поддршка што ја добија компаниите преку субвенционираната струја.
ВМРО-ДПМНЕ: Ковачевски го остави народот без леб
Реагираше и опозициската ВМРО-ДПМНЕ според која е срамно и жално е што владата го остави народот без леб.
– Македонија со оваа власт со СДСМ и ДУИ е единствена држава не само би кажала во регионот, туку и во Европа во која на народот му се под знак прашалник основни егзистенцијални работи – изјави портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева. Таа истакна дека апсурдна е ситуацијата со СДСМ, нема леб, храната е скапа, а на земјоделците им скапува родот, затоа што немаат пласман.
– Државата е вратена 70 години назад како во време на транзицијата кога немало леб, млеко или други продукти, па се чекало ред или се купувало со бонови – изјави портпаролката на партијата Марија Митева.