Турските спасувачи, под надзор на ветеринари, извлекоа од урнатините коњ кој помина 21 ден заробен во зграда во Адијаман, еден од турските градови што беше тешко оштетен во земјотресот на 6 февруари.
Видеото од спасувањето го објави турското Министерство за земјоделство и шумарство.
Животното е извлечено од непристапен терен. По преглед од страна на ветеринар, кој утврдил дека животното нема повреди опасни по живот, коњот е вратен на сопственикот.
Зоолошката градина во Газиантеп, дом на илјадници видови, ги рехабилитира животните повредени во земјотресот, додека ветеринарите ги третираат мачките и кучињата извлечени од урнатините на илјадниците урнати згради.
Ветеринарот Берна Саричичек за Анадолија изјави дека изградиле теренска болница и дека од првиот ден работат на спасување во земјотресот.
„Дојдовме да ја провериме нашата институција првиот ден од земјотресот и кога увидовме дека тука нема многу проблеми, погледнавме да видиме дали има проблеми во околните градови или околните региони. Третиот ден по земјотресот отпатувавме за Марас, бидејќи таму многу луѓе ги загубија животите, каде што ги храневме и ги лекувавме сите животни, рече таа.
Во зоолошката градина се донесени 25 кучиња и 15 мачки, додека во полската болница на лекување отишле мачки, кучиња, птици, папагали, зајаци и многу други животни.
Саричичек рече дека сега помагаат во повторното обединување на домашните миленици со нивните сопственици откако ќе дознаат дека се живи и подготвени да бидат згрижени.
Турција беше погодена од два разорни земјотреси на 6 февруари, при што загинаа најмалку 45.000 луѓе.