Граѓаните кои не успеале досега да ги заменат личните документи со новото уставно име на државата (Република Северна Македонија) имаат рок тоа да го направат до февруари следната година и тоа да го платат од свој џеб.
Тие бараат да се пролонгира рокот или да им се субвенционира постапката бидејќи во услови на криза и високи цени на храната не се во состојба да го поднесат и овој трошок.
До февруари 2024 година треба да се заменат личните карти, патните исправи, возачки дозволи, службените пасоши, дипломатските пасоши, пасошите за странци, дозволата за привремен престој, дозволата за постојан престој, како и регистарската табличка на возилата. Замената на овие документи започна во септември 2020 година, но по правило граѓаните го чекаат последниот рок за да ја завршат постапката.
Колку чини замената на сите лични документи?
Замената на личната карта, пасошот и на сообраќајната дозвола по човек чини околу 2.200 денари, и дополнително секој што има возило ќе треба да доплати уште 1.250 денари за регистарската табличка по возило. Тоа значи дека граѓанин кој има една кола и треба да ги замени сите лични документи годинава ќе треба да издвои вкупно повеќе од 4.000 денари. Ако на ова се додаде и замената на изводот од матичната книга на родените и уверението за државјанство, тогаш износот се зголемува уште за 500 денари.
Семејствата со повеќе членови ќе треба да издвојат добра сума за да ги заменат личните документи на сите членови на семејството.
Ова се цените на услугите:
Лична карта
- Уплатница 190 денари
Патна исправа (пасош)
- За деца до 4 години (1.500 денари за образецот, 100 денари административна такса) – вкупно 1.600 денари,
- За деца од 4 до 18 години (1.500 денари за образецот, 200 денари административна такса) – вкупно 1.700 денари.
- За млади од 18 до 27 години (1.500 денари за образецот, 200 денари административна такса) – вкупно 1700 денари,
- За лица над 27 години (1.500 денари за образецот, 300 денари административна такса) – вкупно 1.800 денари,
- Има можност пасош да се вади по итна постапка и тоа поединечно чини (4.500 денари за образецот, 300 денари административна такса) – вкупно 4.800 денари,
- Доколку се вади замена поради изгубен пасош се доплаќа уште 75 денари.
Возачка дозвола
- Во редовна постапка (280 денари за образецот, 110 денари административна такса) – вкупно 390 денари,
- Ако дозволата е неважечка (280 денари за образецот, 170 денари административна такса) – вкупно 450 денари,
- Возачка дозвола во итна постапка (840 денари за образецот, 110 денари административна такса) – вкупно 950,
- Сообраќајна дозвола (200 денари за образецот, 110 денари административна такса)-вкупно 250 денари,
- Регистарски таблици за моторно возило (1.200 денари за образецот, 50 денари административна такса)-вкупно 1250 денари
Уверение за државјанство
- уплата за уверение за државјанство (100 денари за образец, административна такса 50 денари) – вкупно 150 денари
Извод од матична книга на родени
- уплата за образец 50 денари, уплата за административна такса 100 денари, уплата на поштарина 100 денари-вкупно 250 денари.
Роковите газат, граѓаните во паника
Граѓаните се револтирани што во текот на оваа година ќе треба да ја завршат промената на документите, а уште повеќе ги револтира фактот што самите ќе треба да ја платат замената на Република Македонија со новото уставно име Република Северна Македонија.
– Сите документи ги заменив во 2019 година и тие сè уште имаат рок на важење. Сега слушам дека мора сите повторно да ги заменам до февруари 2024 година. Проблем е што за сите членови на семејството треба да ги заменам овие документи. Тоа не е мала сума. Земам минимална плата и имам семејство од 4 члена. Ако на сите им ги извадам документите во еден месец тоа е една речиси една моја плата. Со што ќе живееме тој месец? Еве и да ги распределам, ќе треба по шалтери да потрошам неколку дена, а тоа се работни денови. Кој ќе ми ги даде тие денови? – прашува Симо А. од Скопје.
Тој предлага државата или да го продолжи рокот или да се откаже од дел од парите.
– Може државата да се откаже од плаќање на образецот. Знам дека се биометриски и чинат повеќе, но и за нас е скапо во услови кога не можеме на крај да излеземе со трошоците за храна и за сметки. Државата нека ги субвенционира овие документи како што тоа го прави со сè. Тоа ќе биде помош за нас. Вака ќе треба само личните карти и возачките дозволи да ги замениме јас и жена ми и едно од децата кое е студент за да немаме проблеми во институциите. А тоа ќе нè чини околу 3.500 денари заедно со регистарската табличка, што не е мала сума – вели тој.
Граѓаните се жалат и дека доколку до февруари не ги извадат потребните документи посебно личните карти ќе имаат дополнителни проблеми и во банките и други ситуации каде што ќе треба да покажат личен документ.
Решение за замената на регистарските таблички со издавање дупликат или со издавање соодветна налепница предложија и транспортерите, но досега нема никаква реакција од институциите кои засега се придржуваат на дадениот рок.
И правници и економисти велат дека државата треба да ги искористи сите можности за продолжување на рокот за замена на личните документи, а ако ја нема таа можност да изнајде начин да ги субвенционира граѓаните.
Државата да субвенционира или да издава налепници
– Прво, најдобро е ако може да се пролонгира рокот на замена на личните документи, посебно личните карти без кои граѓанинот нема да може да ги заврши најнеопходните работи. Доколку таа можност е искористена, останува на државата да најаде начин да го намали овој товар на граѓаните во услови на криза, висока инфлација и растечки цени. Можно е да се субвенционира замената на дел или на сите документи. Но, добра е и идејата да се издаваат налепници, барем за регистарските таблички со што не само што би се решил проблемот на поевтин начин, би се овозможило и полежерно да бидат заменети табличките. Инаку многу брзо институциите ќе се доведат во состојба поради голем налет на граѓани да не можат навреме да им ги извадат документите, а тоа ќе отвори нов проблем за граѓаните и институциите – вели Марјанчо Николов, економист и поранешен пратеник.
Можност државата да го продолжи рокот за издавање на личните документи со новото уставно име има и во договорот потпишан со Грција.
Засега нема информации дали овој рок ќе биде продолжен, бидејќи во член 1, став 10 од Договорот од Преспа стои дека „преодниот рок за употреба на сложеното име во внатрешните документи издадени од земјата зависи од започнувањето на преговорите за пристапување“. Исто така, се наведува дека постои политички преоден период, односно дека промената на името на државата во документите за внатрешна употреба ќе се одвива согласно отворањето на поглавјата од преговорите со ЕУ и тоа треба да заврши во рок од 5 години од отворањето.
Моментално нема информација колку од граѓаните веќе ги замениле личните документи. Плусинфо праша во МВР за бројките и дали е планирано продолжување на рокот за замена на документите, но до објавување на текстот не доби одговори. Прашавме и за тоа што ќе се случи ако граѓаните во дадениот рок не ги заменат личните документи, но и на тоа прашање останавме без одговор.