На социјалните мрежи се појавија потресни видеа од силниот земјотрес кој денеска изутрина го погоди Таџикистан, а беше силно почувствуван и во западните региони на Кина. Засега нема информации за бројот на настраданите, но причинета е голема материјална штета.
Земјотресот со јачина од околу 7,2 степени утрово е регистриран на длабочина од 10 километри, а епицентарот бил на околу 82 километри од најблиската граница со Кина. Земјотресот го почувствувале во градовите Кашгар и Артукс во западниот дел на Кина.
Во Таџикистан најсилно бил почувствуван во градот Мургоб со оглед дека епицентарот бил на 67 километри од него. Мургоб е главен на град на област во Таџикистан која е ретко населена, односно има само неколку илјади луѓе.
Во Кина, пак, земјотресот најсилно бил почувствуван во западниот кинески регион Ксинџијанг, каде што Одделот за железници повика на итно запирање на патничките возови кои сообраќаат по пругата во тој регионот. Локалните власти проверуваат дали е нарушена безбедноста на мостовите, тунелите, како и на опремата за сообраќајна сигнализација.