Видеоекрани, билборди и бина поставена на Црвениот плоштад во Москва го чекаат Путин денеска во 13 часот по македонско време да ги припои четирите украински региони. Иако тие се само една седмина, односно 15 отсто од територијат на цела Украина, која е огромна земја, површините можат да се споредат со две европски земји – со Унгарија, или со површината на една Португалија. Ако се поделат 90.000 км2 кои Путин ги анектира со 25.713 км2 кои се територијата на Македонија, испаѓа дека ќе бидат одземени токму три Македонии.
Оваа територија не го вклучува веќе припоениот полуостров Крим од 2014 година. Тогаш имаше слична ваква забава во Москва. Но, за денешната фешта, всушност, не е познато дали Путин ќе присуствува. Тоа не го откри неговиот портпарол Дмитриј Песков. Она што сепак е сигурно е дека претседателот ќе биде присутен на церемонијата и потпишувањето во замокот Кремљ.
Истовремено, демократскиот свет не ги признава анексијата и референдумите.
– Секоја одлука да се продолжи со анексијата нема да има правна вредност и заслужува да биде осудена – изјави Антоннио Гутереш, генсекот на Обединетите Нации.
– Резултатите беа произведени во Москва – рече американскиот претседател Џо Бајден, велејќи дека САД соработуваат со сојузниците на санкциите што треба да се воведат откако Русија ќе ги анектира новите украински области.
– Сакам да бидам многу јасен за ова, САД никогаш, никогаш, никогаш нема да ги признаат руските претензии за украинската суверена територија – додаде американскиот претседател.
Меѓу земјите кои нема да ги признаат референдумите се вбројува и Македонија.