Околу 60 компании од различни дејности испумпале 3,2 милиони евра од буџетот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) со фантомски проекти, соопшти директорот Никола Додов на денешната прес-конференција на која соопшти детали од ревизијата која уште трае.
Откриени се злоупотреби на парите од Фондот од страна на 50 приватни здравствени установи, кои си купувале медицинска опрема во најчувствителниот период на ковид кризата. За нив ќе се утврдува основот по кој станале корисници на Фондот за иновации.
Додов рече дека се поведени постапки за наплата на побарувањата пред надлежен извршител. Дел од побарувањата се во фаза на поднесување кривични пријави до Обвинителството, и граѓански парници по кои понатаму ќе постапува надлежното обвинителство односно надлежните судови.
– Новото раководство презема мерки и веќе се наплатени околу 600.000 евра – рече тој.
Внатрешната ревизија утврдила несоодветни договори и сомнителни практики, вклучувајќи фирми поврзани со политички функционери.
– Откриена е компанија која за време на власта на СДСМ-ДУИ користела средства од државните фондови, а директорот покрај оваа имал уште 4 други фирми. Тие конкурирале за парите, а 80% од нив се слевале во едната фирма, која имала конфликт на интереси со политичарите на власт – рече Додов.
Ревизијата открила компании кои добиле повеќе грантови за идентични проекти, а два града во земјава биле фаворизирани да добијат средства, односно имале најголем процент на доделени финансии по глава на жител. Нив Додов не ги соопшти на оваа прес-конференција, но ги нарече „најиновативни“ бидејќи, како што рече, од 50 проекти, 40 завршувале во тие два града.
– Овие градови не само што се „лидери“ во своите области и иновациите, туку исто така „забележуваат“ најголем процент на доделени финансиски средства по глава на жител од Фондот. Очигледно, ова е сигнал за „значајна“ поддршка за иновации и развој на овие две локални економии. Или можеби, само мудро распределување на средства по некои, не толку тајни, пријателски линии. Во интерес на истрагата не би ги открил нивните имиња, само ќе кажам дека од 50 договори за одобрени средства за проекти, дури 40 биле за овие два града – рече Додов.
Тој рече дека во изминатиот период не се наплаќале парите по основ на оперативна добивка и ројалти во вкупен износ повисок од 1,3 милиони евра.
– Веќе се наплатени околу 600.000 евра, како резултат на подобрувањето на процесите за наплата. Дополнително, само во текот на минатата недела, во Фондот се слеани повеќе од 10.000.000 денари по основ на оперативна добивка и ројалти од корисници кои ги имале овие обврски – рече Додов и информира дека фокус во идниот период ќе биде наплата на останатите долгови кои произлегуваат од прекинати договори, неправилно и несовесно работење, како и од неисполнување на проектни активности.
Ревизијата открила и неправилности во внатрешните процеси на ФИТР – утврдено е дека во Фондот има 8 вработени во редовен работен однос, а во изминатиот период, заклучно со август 2024 година, на платен список биле евидентирани повеќе од 40 договорци со хонорари и до 60.000 денари.
– Таканаречените експерти одбиваа да работат и ја попречуваа ревизијата – подвлече Додов.
Според Законот за трговски друштва, ФИТР смее да финансира само старт ап компании, а никако приватни компании.