Изгледа дека не е само турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган редовен „шверцер“ на Владимир Путин кога станува збор за нафта кон Европа или пак за чипови од САД. Њузвик во ексклузивен напис открива дека 59 американски компании му обезбедуваат забранета технологија на рускиот претседател преку Си Џинпинг, неговиот кинески колега.
И сето тоа доаѓа во време кога Путин на средба со дипломираните млади офицери во Кремљ изјави дека „ Украинците знаат дека немаат никакви шанси да ја победат Русија“.
Дали е тоа можеби поради фактот што две од три од увезените критични компенти во Русија доаѓаа од американски компании како што анализира Њузвик?
„Опсегот на технологија која сè уште стигнува до Русија е значително пголем отколку што признаваат западните официјални лица“, се вели во написот.
Бројката на компании се зголемува!
Русија увезла 20,3 милијарди долари компоненти поврзани со воена опрема во периодот од март до декември минатата година, според анализата на Институтот КСЕ , тинк-тенк при Економската школа во Киев, до кој Њузвик добил ексклузивен пристап.
Бројката е повисока од претходно објавената и претставува само 15 отсто пад во однос на годината пред руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Сè на сè, Русија купила технологија што ја произведуваат 155 компании со седиште во САД или Европа, како и во Азија и на Блискиот Исток.
Се работи за сложен глобален синџир на снабдување за технологија со двојна употреба. Синџирот ги поврзува и Русија и Кина. Но, стоката од Кина е произведена во САД и покрај извозните контроли, забрани и санкции со кои се фали администрацијата на Бајден.
Во некои случаи, протокот на критичните компоненти всушност се зголемил во првите три месеци од оваа година. Русија увезла 28 отсто повеќе лежишта и 27 отсто повеќе навигациски и сензорски системи во првиот квартал од 2023 година, во споредба со последниот квартал од минатата година, покажуваат трговските податоци.
Дури и иранските дронови имаат американски чипови
Украинските власти пронајдоа увезени микрочипови, процесори, примопредаватели, мемориски уреди, транзистори, DC-во-DC конвертори и други компоненти во четири вида крстосувачки ракети од руско производство: Kh-59, Kh-101, Kalibr и Iskander-K.
Слична технологија од странско производство беше пронајдена во седум типа руски оклопни возила и артилериски единици, па дури и во иранските модели на дронови, Шахед-131 и Шахед-136.
Клучот е во тоа што САД и Западот можат малку да контролираат една трговска рута која поминува низ Каспиското Море. Тоа е слична рута како онаа, преку Азербејџан, со која во Турција влегува препакуваната руска сурова нафта за да може слободно да се продава во Европа и пошироко и покрај санкциите на Брисел и на земјите од групата Г7.
Од 155 компании чии критични компоненти биле идентификувани во руската воена опрема, 59 биле од компании со седиште во САД, покажуваат трговските податоци од украинските власти од Институтот КСЕ.
Русија, исто така, увезла критични компоненти од 18 други земји распространети низ Азија, Европа и Блискиот Исток од почетокот на војната во Украина.
Отвораш компанија, правиш две трансакции и ја затвораш
Ќе одговараат ли американските компании за ова или вината не може да падне единствено на нив? Повеќето од компаниите за чипови изјавиле дека се придржуваат до прописите и дека не поддржуваат нелегален извоз во Русија.
– Интел ќе продолжи да ги почитува сите важечки прописи за извоз и санкции во земјите во кои работи – рекол за Њузвик портпаролот на познатата мега-компанија за чипови.
– Ја осудуваме нелегалната употреба на нашите производи. Ние сериозно ја сфаќаме нашата одговорност како добар корпоративен граѓанин и се придржуваме до важечките закони, вклучително и контрола на извозот и трговски санкции – изјавил портпаролот на компанијата „Микрочип“.
Понатаму, следењето на овој синџир до Кина и до Русија е исклучително тешко.
– Структурите на корпоративна сопственост се многу скриени, особено во земји како Русија и Кина. Особено е тешко да се направи длабинска анализа во Кина. Ќе видите како се појавува компанија, ќе направи една или две трансакции и ќе се затвори следниот ден – рече Ерика Трухило, шефица на фирмата за управување со ризик и поранешен службеник за усогласеност со трговијата во Одделот за трговија.
Исто така, лошо чувана индустриска тајна е дека одделенијата за усогласеност со трговијата се длабоко недоволно вработени и често немаат време и ресурси за да анализираат стотици или илјадници годишни трансакции, рече таа.
– Имате компании вредни милијарди долари кои вршат огромен глобален бизнис, и тие можеби ќе имаат пет службеници за усогласеност со трговијата, ако тоа е тоа – открива таа.