„Им благодариме на медиумите за фер и објективното известување во текот на целиот ден, што е многу важно за демократијата. Бевме во постојатно заседавање со сите наши раководители, цел ден го држевме процесот да се спроведе во што подобро светло“.
Вака изјави претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски на последната пресконференција за претседателските избори, а најави пресконференција со конечните резултати во текот на утрешниот ден.
Даштевски оцени дека изборниот ден минал мирно, а граѓаните достоинствено гласале. Сите учесници биле достоинствени, немало проблеми.
– Деведесет и девет отсто работите минаа како што треба – рече претседателот на ДИК, додавајќи дека „она што се случи во Куманово, како што кажа, било недоразбирање“.
Тој потсети и дека ДИК од утре продолжува со работа до вториот конечен круг на изборите, заедно со парламентарните избори.
На веб-страницата на ДИК за преброени 95,18 отсто од гласовите од 95,18% гласачки места резултатите се следни:
Стево Пендаровски има 172.286 гласа, Гордана Силјановска Давкова 347.295 гласа.