За Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2022 година обезбедени се околу 30 милиони евра, што е за 5 милиони евра повеќе од лани. Со планот ќе бидат опфатени 14 685 невработени лица, со посебен акцент на младите невработени лица до 29 години, долго невработените лица, како и корисниците на гарантирана минимална помош. Првите огласи за мерките ќе бидат објавени на 5 април.
-Целта на оперативниот план се различните ранливи категории на невработени лица, млади лица, жени, лица со попреченост, корисници на гаранатирана минимална помош и лица кои што ја изгубиле работата поради корона кризата подобро и полесно да пристапат на пазарот на труд – рече на презентацијата на Оперативниот план министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.
Таа информира дека за дел од активните мерки бил проширен опфатот на корисници од ранливите категории, а првпат во соработка со УНДП се имплементира и мерката за поддршка за креирање на нови работни места преку зелени инвестиции.
– За имплементација на мерката која се состои од три компоненти – финансиска поддршка, поддршка за стручни обуки за зелени вештини и поддршка за советодавни услуги за зелени инвестиции обезбедивме 26.638.000 денари и опфат на 312 лица – појасни Тренчевска.
Министерката потенцира дека продолжува имплементацијата на Програмата за самовработување, односно поддршка на невработените лица за отворање на сопствени бизниси со доделување на грантови во висина од 5.000 евра за еден самовработен, односно 10.000 евра доколку се јават двајца содружници. За оваа мерка се обезбедени средства за 2.000 директни вработувања за чија реализација ќе бидат одвоени околу 10,9 милиони евра или за 2,6 милиони евра повеќе во однос на претходната година.
– Свесни за новите потреби на пазарот на труд за оваа година обезбедивме 424 обуки за напредни ИТ-вештини за невработени млади лица – рече Тренчевска.
Со мерката практиканство е проширен опфатот на 1.620 невработени лица до 34-годишна возраст кај работодавачи од приватен сектор, но и во граѓански организации. Се продолжува и со спроведување на мерката младински додаток со кој 3.000 денари месечно ќе бидат исплаќани на 3 500 млади од државата до 23-годишна возраст вработени во производството. Оваа мерка ќе ја користат илјада млади повеќе во однос на минатата година.
И во 2022 година ќе продолжи да функционира проектот гаранција за млади.
Армен Григоријан, постојан претставник на УНДП во земјава кој се обрати на презентација на Оперативниот план, истакна дека ковид-пандемијата ги засегнала општествата во поглед по родова основа, образовна основа и основа на можности на пазарот на трудот.
– Владиниот, приватниот сектор и сите вклучени страни треба да реагираат во партнерство за да создадат отпорна економија, заедничка агенда за одржлив развој, инклузивен раст зголемувајќи го социјалниот и економскиот развој и реализирајќи некои од целите за одржлив развој – рече Грегоријан.
Лани биле реализирани 94,6 проценти од мерките и програмите на Оперативниот план за вработување.