Елизавета Кривоногих, тајната ќерка на рускиот лидер Владимир Путин, живее во Париз од почетокот на руската окупација на Украина, а се претставува дека е роднина на неговиот сојузник Олег Руднов, пишува „Дејли Мејл“, повикувајќи се на сторија на украинската телевизија ТСН.
Според ТСН, 21-годишната Елизавета, позната како Луиза Розова, исчезнала непосредно пред војната. Нејзината мајка, 49-годишна чистачка, станала милионерка.
Тие наведуваат дека Елизавета била студентка на Париската школа за менаџмент и уметност, но можеби повеќе не е таму. Таа има пасош во кој е идентификувана како Елизавета Олеговна Руднова со датум на раѓање на 3 март 2003 година, кога Путин беше претседател на Русија и оженет со првата дама Људмила Путин, од која подоцна се разведе.
„По детално истражување, ТСН откри дека Елизавета го променила своето презиме во Руднов, близок сојузник на Путин, кој некогаш преговарал за договори за луксузни недвижнини. Промената на презимето дополнително ја нагласува поврзаноста со Путин“, вели ТСН.
Нарекувајќи се себеси Руднова, таа го крие своето таткoво презиме Владимировна, што сугерира дека името на нејзиниот татко е Владимир, се наведува во телевизиската сторија на ТСН.
Елизавета наводно била видена во музејот Лувр во 2021 година, но пред тоа имаше свој моден бренд и работеше како диџејка во Русија.
– Колку што знам, нешто се случи во октомври 2021 година бидејќи таа го избриша својот профил на Инстаграм. Како некој да ѝ рекол: „Стоп!“ – изјави Андреј Захаров, новинарот кој го откри нејзиното постоење.
На својот профил Елизавета често објавувала детали од својот гламурозен живот – забави, дружење со пријатели од влијателни семејства и патување со приватни авиони.
Во една прилика, таа одговараше на прашања на апликацијата „Clubhouse“, каде што се приклучи новинарот Захаров и ја праша дали сега има проблеми поради неговата истрага.
– О, не, воопшто. Мојот живот стагнира, многу сум благодарна за можноста да бидам во центарот на вниманието и луѓето да слушнат за мојот профил. Се чувствувам многу добро, не грижи се за мене, животот продолжува – му одговори таа.
Нејзината мајка, Светлана Кривоногих, поседува акции во банка и стриптиз клуб во Санкт Петербург. Наводно и таа го користи презимето Руднова. Познато е дека Елизавета живее со својата мајка во елитна резиденција вредна речиси четири милиони евра во Монако.
Светлана е родена во родниот град на Путин, Санкт Петербург, каде што работеше како чистачка во продавницата кон крајот на 1990-тите и го привлече вниманието на Путин.
Во 2020 година, независниот руски истражувачки медиум „Проект“ тврдеше дека таа се спријателила со Путин кога тој бил заменик градоначалник на Санкт Петербург и се венчале, пренесува Јутарњи.
Има докази дека тие патувале со исти авиони, а тајните документи откриени во 2021 година опишуваат како таа се збогатила откако Путин станал претседател.
Светлана поседуваше неколку имоти, меѓу кои и луксузен стан во Москва, купен во 2003 година. Таа стана акционер и на банката „Россија“, позната по врските со потесното опкружување на Путин, преку која од својот удел стекнала 100 милиони долари, пишува „Дејли мејл“.