Општините и министерствата заедно во 2023 година потрошиле повеќе од 2 милиони евра за адвокатски услуги, Од општините, Град Скопје и Гази Баба предничат во исплатените суми за адвокати, додека кај министерствата тоа се Финансии (за функции на државата), па Правда и Труд.
Ова го покажува последното истражување на Центарот за граѓански комуникации.
Сите општини и Град Скопје, во 2023 година исплатиле 1,1 милион евра за адвокати по разни основи. Најчеста основа е за „правни услуги“, потоа „трошоци по извршни исправи“ и „плаќања по судски решенија“. 40% од исплатената сума е за адвокати кои општините сами ги ангажирале, додека останатите 60% се за исплатени адвокатски услуги по други основи како извршни исправи, судски решенија итн.
Истражувањето покажува дека речиси иста сума 1 милион евра во 2023 година потрошиле и министерствата.
Од 81 единица на локална самоуправа, 72 имале исплати за користење на адвокатски услуги во 2023 година, додека општините Босилово, Валандово, Градско, Делчево, Зрновци, Јегуновце, Карбинци, Липково и Пласница не користеле услуги на адвокати, ниту исплатиле адвокати врз други основи.
Една четвртина од општините исплаќаат месечен паушал на некој адвокат, во ист или приближно ист износ.
Градот Скопје е лидер меѓу локалните самоуправи со потрошени 214.000 евра за адвокати во 2023 година, односно 21,5 % од вкупниот износ кој го исплатиле сите единици за локална самоуправа заедно. Овие пари се се исплатени на вкупно 106 адвокати чии што услуги Градот Скопје ги користел или морал да им исплати во 2023 година.
Општина Гази Баба е на второто место со исплатени 123 илјади евра што претставува 11,3 % од вкупниот износ кој го исплатиле сите единици за локална самоуправа. Овие средства се исплатени на четири адвокати. Од нив 81 %, односно 100.000 евра се исплатени на адвокат за предметот за „изградба на пречистителни станици и колектори“.
Во однос на вкупниот број на исплатени адвокати повторно на врвот е Град Скопје со 106, пред Општина Битола со 60 и Општина Куманово со 35.
Вкупно 417 адвокати ги наплатиле своите услуги од единиците за локална самоуправа во 2023 година. Од нив најмногу наплатил адвокатот Влатко Ристовски од Скопје, речиси 103.000 евра, и тоа 100.500 евра од Општина Гази Баба и 2.500 евра од Општина Карпош.
На второто место е адвокатката Билјана Панова која од Град Скопје наплатила 49.000 евра, а трето е Адвокатско друштво Стојановска-Димитровски Крива Паланка кое од 8 општини наплатило нешто повеќе од 39.000 евра.
Сите министерства заедно и Владата, на адвокати им исплатиле 1 милион евра. Само две министерства ангажирале адвокати, додека другите исплати се на адвокати по други основи, односно за судски и извршни решенија, и камати.
Најмногу исплати, односно дури 82 % од парите што сите министерства заедно ги исплатиле на адвокати, има Министерството за финансии за функциите на државата. Само за оваа намена, исплатени се 834.000 евра.
Во однос на вкупниот број на исплатени адвокати, на врвот е Министерството за финансии, за функции на државата, со 327 исплатени адвокати. Следи Министерството за правда со 108, па Министерството за труд и социјална политика со 45.
Вкупно 500 адвокати ги наплатиле своите услуги од министерствата во 2023 година. Од нив најмногу наплатил адвокатот Иван Поповски, 61.052 евра. Сите други имаат наплатено помали суми. Втор е адвокатот Владимир Николоски кој наплатил 27.063 евра, па адвокатот Петар Василев со 26.467 евра.