Во експлозија во кафуле во вториот по големина руски град Санкт Петербург денеска е убиен познатиот руски воен блогер Владлен Татарски, потврди руското Министерство за внатрешни работи, јави ДПА.
„Во инцидентот едно лице загина. Станува збор за воениот блогер Владлен Татарски, а повредени се 16 лица“, соопшти руското МВР.
Татарски, чие вистинско име е Максим Фомин, имаше повеќе од 560.000 следбеници на Телеграм и беше еден од најпознатите воени блогери, кој често даваше критички коментари за војната на Русија во Украина.
Експлозијата, наводно, се случила во кафуле кое некогаш било во сопственост на Евгениј Пригожин, основачот на приватната војска на Вагнер, која се бори на руска страна во Украина.
Засега не се знае кој е одговорен за експлозијата.