На 16 октомври 2007 година во македонската јавност одекна една од најстрашните вести: Тоше Проески загина во сообраќајна несреќа во Хрватска.
Само две недели претходно тој го одржа својот последен хуманитарен концерт пред преполниот Градски стадион, на кој гостуваа многу негови колеги од македонската и балканската сцена, а тогаш првпат публиката успеа со блиц од мобилните телефони да направи ѕвездено небо, нешто што секогаш ќе потсетува на него.
Но, никој не можеше да претпостави дека и тој ќе замине во ѕвезденото небо.
Тоше Проески загина на 16 октомври 2007 во трагична сообраќајна несреќа на автопатот Загреб — Липовац, кај местото Нова Градишка во Република Хрватска, на возраст од 26 години. Во мигот на несреќата, Тоше се наоѓал на совозачкото седиште во возилото фолксваген туарег кој со голема брзина удрил во приколката на камионот пред него и потоа во крајпатната заштитна ограда.
Останатите двајца патници — возачот Ѓорѓе Георгиевски поминал со потешки, додека неговата менаџерка Лилјана Петровиќ, со полесни повреди. И двајцата биле вон-животна опасност.