По само неколку месеци од смртта на кралот на ромската музика, Ферус Мустафов, соноќа почина и неговиот син, Илми Мустафов.
Познатиот саксафонист и кларинетист Илми Мустафов беше член на групата „Огнени момчиња“.
Во неговата скоро 30-годишна кариера, Илми има снимено многу ора и чочеци, дел со својата група, а дел со неговиот познат татко Ферус Мустафов.
Според последните информации погребот ќе биде утре, најверојатно на Камник.
Неговата смрт ги остави во неверување колегите музичари и пријателите, кои се простуваат од него на социјалните мрежи.
Меѓу оние кои се простуваат од Илми е и пејачката Сузана Гавазова.
„Илми Мустафов, синот на нашата легенда и кралот на саксофонот, Ферус, почина синоќа. Си замина толку брзо, толку ненадејно и зад себе остави опустошени срца, болка и тага. Настапувавме заедно на свадба во Дебар пред некој ден со ‘Огнени момчиња’ и со Илми, беше сè нормално, никој не се посомнева дека такво нешто може да се случи. Во еден момент видов дека плаче, но искоментиравме со колегите дека тоа е поради смртта на неговиот татко. Илми си замина прерано. Ќе ни недостигаш многу. Почивај во мир пријателе“, напиша таа и сподели заедничка фотографија на Фејсбук.