Пациентот, кај кого е потврдена конго-кримска треска, е од околината на Велес, и најверојатно се заразил рибарејќи покрај Вардар, во област со висока вегетација и многу инсекти. Пациентот не се сеќава или не забележал дека бил каснат од крлеж, иако има траги од каснување, што укажува на можниот начин на трансфер на болеста, која за прв пат беше забележана во околината на Штип – информира денеска Милена Стевановиќ, директорка на Инфективната клиника.
– Пациентот е хоспитализиран кај нас и е во добра општа состојба. Тој пет дена наназад се жалел на покачена температура, главоболка и на мускулно-зглобни болки, поради што и побарал лекарска помош. Ја следиме неговата состојба – рече Стевановиќ.
Четириесет и двегодишен велешанец, кој е трет случај на конго-кримската хеморагична треска, во саботата вечер е донесен во Скопје од велешката болница и во текот на ноќта неговата дијагноза е потврдена.
– Лабораториски анализите беа со намалени тромбоцити во текот на вчерашниот ден, но со соодветна супституција, зашто ние ова го третираме мултидисциплинарно, во консултација со колегите од транфузиологија, неговите денешните анализи се уредни. Сепак, тоа не значи дека нема да имаме тек и развој на болеста, се надеваме поволен, како што беше и кај претходната пациентка – рече Стевановиќ.
Таа информираше дека втората заразена пациентка, која е болничарка инфицирана во текот на својата работа, сега е стабилна и во добра состојба, опоравувањето е во тек и не се очекуваат компликации.
Директорката рече дека е активиран целиот епидемиолошки систем во земјата, сите надлежни институции, како Институтот за јавно здравје, Комисијата за заразни болести, Клиниката за инфентивни болести, ветеринарните агенции, ги вршат своите задачи.
– Направени се анкетни листи, четиричленото семејство на пациентот е ставено под лекарски надзор, како и негови колеги со кои бил во контакт. Епидемиолозите и ветеринарите се на терен. Вршат испитувања и анализи, заловуваат инсекти и земаат примероци. Очекуваме наскоро реаултати од анализите и во текот на утрешниот ден ќе може да заседава Комисијата за заразни болести, да ги разгледа сите детали и да изврши проценка на ситуацијата – рече Стевановиќ.
Таа повика на поголема внимателност, особено кај категориите со поголем ризик од заразување, како што се рибари, ловџии, земјоделци, сточари, луѓе што работат во кланици, месари… Рибарите и ловџиите, како и луѓето што се движат во природа со густа вегетација, треба да носат високи чизми, посветла облека на која се за. бележуваат инсектите, за да го намалат ризикот од каснување од крлежи.