За разлика од минатиот период во кој доминантни компоненти беа корупцијата и дузина негативни ситуации кои кај граѓаните создаваа едно негативно чувство кога станува збор за менаџирањето со јавните финансии, сега актуелната влада, прави една промена и изготвува економски документ кој комплетно ќе ја промени нашата економска филозофија, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски во емисијата „Утринско еспресо”, на Радио Лидер .
– Овој пат ние одлучивме да направиме еден програмски документ, односно крвна слика на нашата економска филозофија и комплетно да ја промениме. За прв пат можеби, од поодамна, да биде буџет кој ќе финансира директни инвестиции коишто прво ќе бидат конкретно видливи, а потоа ќе создаваат додадена вредност – рече Стојаноски.
Според него граѓаните не треба да слушаат што се зборува, туку едноставно да гледаат по актите и постапките како се однесуваат политичарите. Во овој контекст рече дека споредено со првите квартали од оваа година кога економскиот раст изнесува само 1%, што би се остварил, пластично кажано без никаква активност и заложба од страна на владините функционери кои и онака немаа мрднато со прст, во третиот и четвртиот квартал пак, се очекува раст од 2,5% односно 3% соодветно.
– Во наредните три месеци од новата година 350 милиони евра ќе бидат веќе ефектуирани во општините, а тие 830 милиони евра капитални инвестиции ќе се интензивираат како што се интензивираа во последниве 6 месеци и имаме намера со покачување на платите и пензиите да ја поттикнеме потрошувачката. Понатаму, тие инвестиции што ги договори Владата, досега се 8. Овој месец ќе склучат договор со уште 2 и во декември со уште 2, барем засега тоа е договорено како пакет потпишано и заклучено. Значи 12 инвестиции ќе отпочнат со сериозни градежни активности во првите 3 месеци наредната година и затоа и на тоа ние го темелиме растот – појаснува Стојаноски.