More

    Комитет за финансиска стабилност: Усвоена е Стратегијата за макропрудентна политика, задржана e финансиската стабилност

    spot_img

    На седницата на Комитетот за финансиска стабилност беше усвоена Стратегијата за спроведување на макропрудентната политика во Република Северна Македонија, којашто ја подготви Народната банка, во консултација со останатите финансиски регулатори, во согласност со новиот Закон за финансиска стабилност. Со Стратегијата се зацврстува координираниот пристап на финансиските регулатори за натамошно јакнење на финансиската стабилност. На Комитетот беа посочени и заложбите на регулаторите за продолжување и засилување на евроинтеграциските активности, а во тие рамки беше истакната потребата од заокружување на процесот на донесување неколку системски закони од финансиската сфера коишто ќе придонесат за одржување и натамошно јакнење на финансиската стабилност. Финансискиот систем во земјата е стабилен, а случувањата во банкарскиот систем во САД и Швајцарија речиси и да немаа влијание врз него. Надлежните регулатори координирано ги следат состојбите и се подготвени брзо да делуваат, да ги приспособуваат политиките во согласност со случувањата, заради одржување на финансиската стабилност којашто е приоритет.

    Ова се дел од заклучоците од денешната седница на Комитетот за финансиска стабилност, со која претседаваше гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, а учествуваа и министерот за финансии, Фатмир Бесими, претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), Максуд Али, претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО), Крсте Шајноски и главниот правен советник во Комисијата за хартии од вредност, Мате Стојановски.

    Осврнувајќи се на состојбите во банкарскиот сектор, гувернерката Ангеловска-Бежоска истакна дека банкарскиот сектор е здрав и стабилен и со висок степен на отпорност на шокови. Директните ефекти од најновите случувања на глобалните финансиски пазари врз македонскиот банкарски систем се ограничени, имајќи ја предвид примената на традиционален деловен модел од страна на банките, ниската изложеност и обврски кон странство, како и ниското ниво на вложувања на банките во хартии од вредност. „И според најновите податоци заклучно со 31.3.2023 година, билансите на нашите банки се солидни, со високо ниво на капитал (највисоко ниво во последната декада), традиционално солидна ликвидност и солиден квалитет на кредитното портфолио при ниско ниво на нефункционалните кредити од 2,8%. Претходно донесените мерки за зголемување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот на 0,75% придонесуваат за јакнење на стабилноста и отпорноста на банкарскиот систем. Народната банка ќе продолжи со внимателно следење на состојбите и преземање соодветни макропрудентни и микропрудентни мерки за натамошно јакнење на стабилноста. Макропрудентната стратегија е значајна за натамошно јакнење на координираниот пристап на финансиските регулатори“ – истакна Ангеловска-Бежоска.

    „Министерството за финансии, како институција надлежна за работењето на финансиските друштва и друштвата за лизинг, постојано го следи работењето во овој сегмент. Законот за финансиските друштва којшто ќе придонесе за поголема заштита на граѓаните кои користат услуги од финансиските друштва е во фаза на второ читање во Собранието, па очекуваме дека многу наскоро ќе стапи во сила. Со новиот закон значително ќе се намалат надоместоците коишто граѓаните им ги плаќаат на финансиските друштва“, посочи министерот за финансии, Фатмир Бесими.

    Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување ‒ МАПАС, Максуд Али, истакна дека МАПАС обезбедува постојано функционирање, развој и унапредување на вториот и третиот столб, транспарентност и ефикасна супервизија на вториот сегмент по големина во финансискиот сектор во Република Северна Македонија. МАПАС внимателно ги следи состојбите во капитално финансираното пензиско осигурување и потенцијалните ризици во вториот и третиот столб, воопшто, и секако со посебен акцент на глобалните состојби и реагирањето на пензиските друштва во однос на нивните инвестициски стратегии и тактики заради остварување највисок принос, единствено во полза на членовите на пензиските фондови.

    Максуд Али нагласи дека пензиските фондови минимално ги почувствуваа последните случувања во банкарскиот сектор и пазарите во САД и Швајцарија преку глобалното намалување на вредноста на акциите од финансискиот сектор, бидејќи средствата на пензиските фондови не се директно распределени во Банката на Силиконската долина, Сигничр бенк и Кредит свис.

    „Oсигурителниот сектор во Македонија не е директно изложен на ризиците коишто се појавија во глобални рамки. Вкупните вложувања во финансиски инструменти во странство се незначајни и претставуваат само 0,1% од вкупната актива на осигурителниот сектор. Не се утврдени потенцијални неповолни движења за стабилноста на осигурителниот сектор од промена на вредноста на овие вложувања. Најголемиот дел од вкупните обврски и средства на осигурителните компании произлегуваат од договорите за осигурување склучени со домашни клиенти (правни и физички лица). Вкупната актива на осигурителниот сектор на крајот на 2022 година изнесува 30,4 милијарди денари. Вложувањата се главно во државни обврзници и депозити во домашни банки. Капиталот на друштвата за осигурување потекнува од финансиски инструменти со највисок квалитет што е показател за сигурноста и стабилноста на друштвата за осигурување и нивната способност да одговорат на непредвидени настани и обврски во работењето“, истакна Крсте Шајноски, претседател на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО).

    Главниот правен советник во Комисијата за хартии од вредност, Мате Стојановски, истакна дека иако вложувањата на отворените инвестициски фондови во САД изнесуваат 14% од вкупните вложувања во хартии од вредност, не се евидентирани ризични пласмани коишто можат да имаат негативно влијание врз фондовската индустрија, со што се исклучува можноста за каков било ефект врз целиот финансиски систем. Сепак, потребата од будно следење на случувањата постои и за таа цел ќе служи и Стратегијата за спроведување на макропрудентната политика во Република Северна Македонија, усвоена денеска, којашто е добра основа за координиран пристап на регулаторите за одржување и негување на финансиската стабилност во однос на пазарите.

    Со Стратегијата за спроведување на макропрудентната политика во Република Северна Македонија, донесена врз основа на Законот за финансиска стабилност, се поставува рамката за оперативно спроведување на макропрудентната политика, којашто ги засега пред сѐ финансискиот систем и неговата стабилност. Поконкретно, со Стратегијата се определуваат целите на макропрудентната политика, активностите за следење и оцена на системскиот ризик, се дефинираат показателите на системските ризици, макропрудентните инструменти и преземањето макропрудентни мерки. Во Стратегијата посебно внимание ѝ се посветува и на транспарентноста во работата на финансиските регулатори и Комитетот за финансиска стабилност, како и соработката меѓу надлежните органи и координацијата меѓу макропрудентната политика и другите политики, како што се монетарната политика, микропрудентната политика, фискалната политика и други релевантни политики. Комитетот за финансиска стабилност се грижи за спроведувањето на макропрудентната стратегија, а секој регулатор може да го доуредува спроведувањето на макропрудентната политика во негова надлежност и да го приспособува кон спецификите на соодветниот сегмент од финансискиот систем.

    При изработката на Стратегијата се следеа препораките на Европскиот одбор за системски ризици, како и насоките на ММФ за макропрудентната политика и карактеристиките на домашниот финансиски систем.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img