Мапа на 11 европски земји кои воведоа посебни мерки на границите кршејќи го Шенгенскиот договор за поминување без идентифиација, договор кој беше воведен пред 40 години, објави Дејли Мејл. „Шенгенот се распаѓа“, се вели во написот каде е објаснето дека мерките се поради страв од терористички закани и од миграција.
А главната причина за овој страв е „балканската рута“ кадешто освен илегалната миграција тече и криминал кон Европа.
Италија ги засили граничните проверки со Словенија поради војната меѓу Израел и Хамас. Споменат е „константен миграциски притисок од копно и од море“. Словенија, пак, најави гранични контроли со Унгарија и Хрватска поради истите причини. Истовремено, Италија се надева да депортира мигранти во новите прифатни центри во Албанија.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони предвиде дека целиот проект Шенген може да биде „скршен“ во избезумен обид да се заштити безбедноста на Европа.
Данска почна да врши проверки на границата со Германија велејќи дека се соочува со значајна закан за внатрешната безбедност. Земјата најави дека можни се контроли и со други соседи.
Шведска ги проверува границите со сите свои соседи поради исламскиот тероризам. Норвешка ги контролира сите бродови кои доаѓаа од Шенген зоната поради закана од шпионажа.
Германија годинава очекува најмноги илегални мигранти од 2016 година. Минатата недела земјата ги објави своите правила за барањата за азил на мигранти со кои се имплиира зголемување на депортацијата на илегалните мигранти. Германија ги засили контролите со Австрија, Швајцарија, Чешка и со Полска.
Франција воведува гранични контроли со Белгија, Германија, Луксембург, Швајцарија, Италија и Шпанија поради терористичката закана и миграцијата. Австрија ги контролира границите со Унгарија, Словенија, Словачка и Чешка поради тероризам, мигранти и трговија со луѓе.
Словачка воведува мерки на границата со Унгарија, Чешка на границата со Словачка, Полска на границата со Словачка поради мигрантите кои пристигнуваат преку „балканската рута“.