Членовите на Судскиот совет, судијката Лорета Горгиева и м-р Миљазим Мустафа, доставија оставки до Министерот за правда Кренар Лога и се повлекоа од членство во Советот на ИКТ, бидејќи сметаат дека нивното натамошно учество во ова тело е нецелисходно, соопштуваат од Судскиот совет.
„Советот на ИКТ дејствуваше како тим со неговиот претседател Лазар Нанев и заменичката, проф. д-р Гордана Лажетиќ и затоа сметам дека нема простор за мое натамошно учество“, се вели во оставката на судијката Георгиева, пренесуваат од Советот.
Во образложението на оставката на м-р Мустафа, како што дополнуваат, наведува дека по разрешувањето на претседателот на ИКТ од страна на министерот за правда Лога и изнесените инсинуации за неправилно работење на Советот на ИКТ, како и по тврдењата на ресорниот министер за реформирање на истоимениот Совет, нецелисходно е понатаму да се биде член во ова тело.
„И покрај сѐ, горд сум што бев член во тело што ги постави темелите и ги воспостави насоките за дигитално судство и успеа да воведе алатки и сервиси кои ќе го олеснат пристапот на граѓаните до правдата и на правосудните органи, а со тоа и зголемување на довербата на правосудството“, наведува Мустафа.
Министерот за правда Кренар Лога изминатата недела го разреши судијата и претседател на Совет за координирање на информатичко-комуникациска технологија во правосудните органи Лазар Нанев од функцијата член на Советот за ИКТ и од функцијата претседател на ова тело.
– До Судскиот совет доставив допис за отворање на постапката за утврдување на одговорност за работата на претседателот на Основен суд Кавадарци, судијата Лазар Нанев – изјави тогаш Лога.
Тој појасни дека по добивање и анализа на материјалите за седница на Судскиот совет констатирал дека „во доставените материјали се присутни сериозни наводи за нарушен интегритет на судија и евидентно е постоењето на состојба која сериозно загрижува и ја доведува во прашање правната сигурност на граѓаните и загарантираното право да им суди независен и непристрасен судија“.
Лога на прес-конференција информираше и дека иницирал и постапка за изработување на нов правилник за функционирање на Советот на ИКТ, врз основа на кој, како што најави, ќе биде формиран и нов состав на ова тело.