Ковачевски за предлогот на Алтернатива за „заедница на албански општини“

By Lorita 2 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Неприфатлив, несериозен, нееверопски и неамерикански е предлогот за заедница на албански општини во Северна Македонија – одговори премиерот Димитар Ковачевски на прашање за коментар за оваа идеја на партијата Алтернатива.

– Вчера имавме и реакција како политичка партија, се работи за несериозна идеја. Односите во нашата држава се решени со Охридски рамковен договор кој го потпишаа претставници на сите политички партии – и на Македонците, и на Албанците, за кој гаранција се САД и Европската Унија. Врз основа на тој Охридски рамковен договор, Северна Македонија денес претставува пример за соживот и остварување на правата на сите етнички заедници во државата и врз негова основа во нашата држава се изградени институции за заштита и унапредување на правата на помалите заедници на највисоко ниво споредено со сите други држави во Европа – изјави Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по доделувањето социјални станови во Гостивар.

Од друга страна, како што рече, во Косово постои друг договор кој исто така е потпишан помеѓу две страни и кој ги решава проблемите што постоеле во минатото во Косово.

– Ние овде заедно сме си ги уредиле правата како ќе живееме и како ќе напредуваме и врз основа на тоа сме станале земја членка на НАТО, земја која преговара со ЕУ и безбедноста и стабилноста на нашата држава е на толку високо ниво изградена по 2001 година што земја депонент на договорите од Берлинскиот процес, кој ги потпишаа сите земји од Западен Балкан се депонирани во нашето Министерство за надворешни работи. Оттука сметам дека таквиот предлог е неприфатлив, несериозен, нееверопски и неамерикански – рече премиерот.

За оние кои го заговараат тој предлог смета дека се или неинформирани или, како што рече, „недобро ги разгледале договорите што ги решаваат идентитетските прашања на Балканот“.

– Ќе треба малку повеќе да се задлабочат во тоа на кој начин се решени проблемите во Северна Македонија, а на кој начин ќе бидат решени проблемите во Косово, нормално преку заемен договор помеѓу Косово и Србија со посредништво на САД и Европската Унија – додаде Ковачевски.

Share This Article
Exit mobile version