Нема европска иднина за Србија и Косово без имплементација на договорите и нормализација на нивните односи, порача специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак, по денешните средби во Приштина и во Белград.
Лајчак ја предводи делегацијата која после Приштина допатуваа во Белград на средба со српскиот претседател Александар Вучиќ во обид за продолжување на дијалогот за да се намалат растечките тензи меѓу Србија и Косово.
Посетата на „големата петорка“ доаѓа по неуспехот од последниот дијалог во Брисел, и по вооружениот напад во Бањска во северно Косово.
Во делегацијата предводена од Лајчак се и заменикот помошник државен секретар и специјален пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, советниците за надворешна и безбедносна политика на претседателот на Франција и канцеларот на Германија, Емануел Бон и Јенс Плетнер и дипломатскиот советник на премиерот на Италија Франческо Тала.
И додека Вучиќ на Инстаграм профилот кусо напиша дека „средбата со петорката била тешка и дека верува дека во наредниот период ќе се најде излез од кризата, како и дека очекува важни средби во Брисел наредните денови, Лајчак по средбата даде повеќе информации пред новинарите, потенцирајќи дека „нема европска иднина за Србија и Косово без имплементација на договорот за патот кон нормализација на нивните односи и имплементација на сите досегашни договори“ – јави дописникот на МИА од Белград.
– Изразивме загриженост за негативните случувања во процесот на нормализација, што е директно поврзано со патот на Србија и Косово кон ЕУ – рече Лајчак, нагласувајќи дека целта на посетата на „големата петорка“ е да се види како да се постигне конкретен напредок во спроведувањето на Охридскиот договор на патот кон нормализација на односите, како и деескалација на ситуацијата во Косово.
– Сакаме јасно да ставиме до знаење дека силно го осудуваме нападот врз косовската полиција на 24 септември. Сите извршители на нападот мора да бидат изведени пред лицето на правдата и очекуваме целосна соработка на Србија во овој поглед – рече Лајчак.
Тој додаде дека лидерите имаат одговорност кон своите граѓани и дека и Белград и Приштина мора да работат на деескалација и нормализација на односите.
– Таа порака му ја пренесовме на претседателот Вучиќ. Србија и Косово склучија нови договори во февруари и март оваа година и очекуваме двете страни да почнат да ги исполнуваат своите обврски и од новите и од старите договори – рече Лајчак.
Тој посочи дека дијалогот меѓу Белград и Приштина ќе биде на дневен ред на состанокот на министрите за надворешни работи на европските земји в понеделник, а за него ќе разговараат и лидерите на ЕУ подоцна во текот на следната недела на Советот на Европа.
– Оваа посета директно ќе влијае на тие разговори. Како што многупати кажавме, нема европска иднина ниту за Србија, ниту за Косово, без нормализација на нивните односи и имплементација на усвоените договори за нормализација, и сегашните и претходните. Сакаме да гледаме стабилен, просперитетен и европски регион на Западен Балкан и затоа дијалогот е од клучно значење. Нашиот разговор со претседателот Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти ќе продолжи и во наредните денови – заклучи Лајчак.
Лајчак и неговиот американски колега Габриел Ескобар, придружувани од највисоките дипломати на Германија, Франција и Италија, во Приштина се сретнаа и со премиерот на Косово, Албин Курти, кој по разговорите изјави дека е потребен „нов пристап“ за продолжување на дијалогот за нормализација на односите со Белград.