За висината на минималната плата треба да се договорат работодавачите и синдикатите. Владата ќе ги почека да се договорат и ќе го прифати нивното решение, изјави премиерот Христијан Мицкоски по седницата на економскиот совет, одговaрајќи на прашање поврзано со износот на минималната плата од 450 евра.
– На седницата на економскиот совет има претставници од работодавачите и од работниците. Тие треба да се усогласат за минималната плата. Едните имаат едно барање, другите друго, а ние сме некако на средината и на едните и на другите. Затоа како Влада ние нема да се мешаме, ќе оставиме тие да се договорат, а ние ќе прифатиме – рече Мицкоски.
Мицкоски рече дека Владата од зголемувањето на минималната плата има корист бидејќи ќе ѝ се зголемат приходите и затоа не се меша во тоа каков износ ќе договорат работодавачите и синдикатите.
– Зголемувањето на минималната плата е на товар на работодавачите. Ние како држава немаме проблем околу нејзиното зголемување. Проблемот е кај работодавачите кои треба да кажат колку можат да дозволат зголемување. За Владата не е проблем да обезбеди пари за минимална плата, надвор од планираното зголемување преку ребалансот на буџетот бидејќи пари за тоа ќе има – рече Мицкоски.
Тој додаде дека додека бил присутен на седницата прашањето за минималната плата не било разговарано.