Во Собранието Штајнмајер го цитираше Конески и говореше за романот „Пиреј“ на Петре М. Андреевски

By Lorita 4 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Претседателот на Сојузна Република Германија, Франк Валтер Штајнмајер, со цитати од Блаже Конески – „Јазикот е наша татковина“, од собраниската говорница упати молба до пратениците, но и до граѓанките и граѓаните на Северна Македонија да не скршнуваат од патот кон ЕУ зошто сега не е време за националистички призвуци.

Штајнмајер во обраќањето до пратениците побара да се надмине последната пречка, а тоа се уставните измени. Притоа, тој ги спомена Петре М. Андреевски и романот „Пиреј“.

– Во романот на векот ‘Пиреј’, Петре М. Андреевски на впечатлив начин ја опишува судбината на Македонците Јон и Велика на почетокот на 20 век. Овој роман ни предочува, покрај сето страдање, дека има нешто што е посилно и поважно од националистичките интереси и политичките несогласувања. Нескротливиот копнеж за мирен живот. Тој копнеж верувам дека постои и денес, го има секаде во Европа, тој постои и тука. И 100 години по објавувањето на овој роман, дозволете на овој нескротлив копнеж за мир и слобода да му дадеме заедничка татковина во Европа – рече Штајнмајер.

Тој пред пратениците рече и дека протоколот со Бугарија и потребните уставни измени се теми што ги засегаат луѓето бидејќи станува збор за прашања од националниот идентитет, за македонската историја, јазикот и културата и сигурно дека е правилно овие дебати да се водат со страст.

– На важните општествени дебати им е потребен овој страстен пристап. Сметам дека вие самите можете самоуверено да ги водите овие дебати, луѓето на Северна Македонија, вие ја обликувате и одредувате што ја сочинува вашата земја, вие решавате како треба да изгледа македонскиот идентитет денес и како тој треба да изгледа во иднина. Онака како што тоа го правите од пред 30 години, онака како што го формулираше тоа македонскиот писател Блаже Коневски кога кажа и кога напиша дека ’јазикот е нашата татковина‘. Се надевам многу дека македонската култура наскоро ќе ја збогати културната различност во ЕУ и овие денови сум тука за да научам уште повеќе за тоа – порача Штајнмајер.

Германскиот претседател во говорот се осврна и на филмот „Медена земја“ и на пораката што го обиколи светот.

– Утре ќе разговарам со Атиџе Муратова и со авторите на филмот Медена земја. Муратова, која е една од последните диви пчеларки во Европа, кога таа собира саќе и мед им вели на своите пчели: ‘Пола за мене, пола за вас’. Оваа порака, на овој успешен македонски филм, кој истовремено е полн со значења, го обиколи светот. И ние ја знаеме во Германија. Во моите очи ‘Медена земја’ истовремено е две нешта: израз на гордата култура на една мала земја, а истовремено пренесува една уште поголема порака чие значење излегува надвор од границите на поединечната земја. Не смееме целосно да ги искористиме даровите од природата, ниту неповратно да ја уништиме нашата животна средина. Ова е задачата пред која е исправено човештвото и ние во Германија сакаме да соработуваме на ова поле – додаде Штајнмајер во своето обраќање.

Штајнмајер додаде дека влезот во ЕУ ќе им ја отвори портата на граѓанките и граѓаните на Северна Македонија кон најголемиот трговски блок во светот.

– Исто така и портата кон 450 милиони Европејци. Портата за работа, за живеење, за патување низ нашиот континент. Ние се радуваме да ве видиме вас тука од Северна Македонија како минувате низ оваа порта – додаде германскиот претседател.

- Advertisement -
Share This Article
Exit mobile version