Претставници на украинската армија соопштија дека Украина во контраофанзива го вратила селото Андријивка, во близина на градот Бахмут во областа Доњецк на истокот на земјата. Притоа, се вели дека му нанела значителни загуби на непријателот. Делумен успех е пријавен и од областа Клишчивка.
„Во правец на градот Бахмут, непријателот продолжува да се обидува да ја пробие одбраната на вооружените сили на Украина во областа Богданивка. При контраофанзивата нашите сили постигнаа делумен успех и на подрачјето на Клишчивка. За време на нападот тие ја ослободија Андријивка, му нанесоа значителни загуби на непријателот и се зацврстија во повторно заземените области“, напиша украинскиот Генералштаб на социјалните мрежи.
Украинската заменик-министерка за одбрана Хана Маљар веќе извести за заземањето на селото, кое се наоѓа на приближно 14 километри јужно од Бахмут, и каде пред војната живееле помалку од сто луѓе. Тогаш таа додаде и дека борбите околу селото и соседните населби Клишчивка и Курџумивка продолжуваат и дека непријателот се обидува да ги врати загубените позиции.
Нејзините изјави за повторно заземање на селото беа брзо отфрлени од украинската војска во четвртокот како предвремени. Маљар, сепак, одговорноста за неточните информации ја припиша на бучавата во комуникацијата.
Во меѓувреме, заменик министерот за одбрана на Украина денеска на Телеграм напиша дека Генералштабот сега и официјално го потврдил заробувањето на Андријивка. „Вчера беше тешко и ситуацијата неколку пати се менуваше многу динамично“, додаде таа.