Норвешка ќе обезбеди 2,7 милијарди круни (240 милиони долари) за зајакнување на украинската морнарица за да ѝ помогне да ги одврати руските сили во Црното Море, соопшти денеска норвешката Влада.
„На Украина ѝ треба поголема поддршка за да ги одврати руските поморски сили во Црното Море во претстојното време. Неопходно е да се заштитат украинското население и украинската инфраструктура од нападите на руската Црноморска флота. Исто така, важно е да се заштити извозот преку море на жито и на други производи, кои генерираат клучни приходи за Украина“, се вели во соопштението на премиерот Јонас Гар Сторе.
Според Владата, 100 милиони круни претходно биле наменети за поморска обука и за други мерки во 2025 година и сега таа одобрила нов пакет.
Поддршката ќе вклучува донации од норвешките вооружени сили, како и воена опрема, набавена од индустријата за донацијата, велат од Владата.