Почина новинарот и музиколог Костадин Костадиновски

By Lorita 3 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Во очи 37-то издание на „Фолк Фест Валандово”, почина еден од основоположниците на фестивалот, Костадин Костадиновски кој во македонската јавност беше познат музички новинар, музиколог, музички критичар, публицист и композитор.

Костадиновски дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Белград на отсекот по музикологија. Работниот век го поминал како музички уредник и новинар во Македонската радио-телевизија, поточно во Македонското радио – Радио 2.

Напишал околу 5.000 критики на врвни уметници од целиот свет како и мноштво музички публикации меѓу кои познатата музичка монографија „Трајко Прокопиев – животно дело“ и делото „Од блузот до музичката авангарда“ кое се користи како литература на катедрата по естрада на музичката академија во Софија, потоа „Про-Музика“ и др.

Автор е на „Одгласи од концертните сали“- публикација која содржи музички критики, есеи и музички занимливости во која преку понудените текстови (над 160 осврти, критики и рецензии) и познавањата на музичките жанрови од фолклорот до џез и класичната музика, Костадиновски ја претставува тридецениската музиколошка историја во Македонија, Европа и светот.

Во книгата има текстови за Симон Трпчески, Весна Гиновска-Илкова, Ана Дурловски, Михајло Куфојанакис, Тодор Светиев, Милица Шперовиќ-Рибарски, Кирил Рибарски, Љубомир Бранѓолица, Влатко Стефановски, Тоше Проески, Пеце Атанасовски, Никола Бадев, текстови посветени на светските ѕвезди како Хозе Карерас, Барбара Хендрикс, Зубин Мехта, Арнолд Кац, Александар Штаркман, како и на фестивалите „Охридско лето“, „Скопско лето„, „Интерфест“, репертоарот и достигањата на Македонската опера и балет и Македонската филхармонија.

Костадиновски беше и самиот творец или коосновоположник на пет значајни музички фестивали во Македонија: „Фолк фест – Валандово“, „Интерфест – Битола“, „Тетовски филиграни“ (подоцна префрлен во Скопје како „Филиграни“), „Еврофест“ и „Денови на уметноста на децата сираци од балканските држави“.

Исто така беше композитор и автор на педесеттина естрадни песни и важеше за еден од доајените на македонската музикологија. Тоа го афирмираше како уникатна личност во нашиот музички живот и култура, какви досега малку сме имале. Беше врвен експерт од ваков профил кој толку темелно ги познава сите музички жанрови – сериозната, забавната, фолк и џез музиката.

„На 26.05. 2024 нѐ напушти колега од МРТ и фестивалски соработник, Костадин Костадиновски, кој неодамна наполни 88 години! Почивај во мир и во спокојство, сочувство до семејството и последен поздрав денес, Понеделник 27.05 24, од 11 до 12 часот, во капелата во Радишани, а погребот е во 12 часот“, обзнани на својот Фејсбук профил една од најблиските соработнички на покојниот Костадиновски, новинарката и водителка на речиси сите негови фестивалски чеда, Катерина Стојановска Десковска.

- Advertisement -
Share This Article
Exit mobile version