Американскиот НБА кошаркар Мајлс Бриџис повторно е во проблеми со законот откако ги прекрши условите на условната казна, а судот издаде налог за апсење.
Тој беше обвинет за нарушување на јавниот ред и мир, семејно насилство, злоупотреба на деца и кривично дело оштетување.
25-годишникот, кој последен пат играше за Шарлот Хорнетс во сезоната 2021/2022, беше уапсен во Лос Анџелес во летото 2022 година бидејќи ја удрил мајката на своите деца. Потоа беше осуден на три години условна казна за семејно насилство.
Американските медиуми пред неговото апсење очекуваа Бриџис да потпише нов милионски договор во НБА.
По апсењето, НБА го суспендираше на 30 натпревари, од кои 20 од претходната сезона, кои целосно ги пропушти. Бриџис во јули потпиша едногодишен договор со Хорнетс вреден 7,9 милиони долари, но поради суспензијата не може да игра до 11. натпревар од новата сезона.