Светското првенство во Катар заврши во неделата со спектакуларно финале помеѓу Аргентина и Франција, кое „гаучосите“ го добија после изведување на пенали. Со 172 погодоци во 64 натпревари, ова светско првенство беше најефикасно во историјата, а со нешто повеќе од 3,4 милиони гледачи на стадионите беше третото најгледано светско првенство.
Катар за потребите на ова првенство инвестираше вкупно 220 милијарди долари, од кои 6,5 милијарди се потрошени на стадионите и нивната инфраструктура. Светското првенство се играше на 8 стадиони, но дури седум ќе бидат користени во други цели откако ќе заврши Азискиот фудбалски куп што ќе се игра следната сезона, објавија катарските медиуми.
Досегашното искуство покажа дека многу земји-домаќини не се подготвени да се справат со празната инфраструктура, која им останува по организирањето вака големи спортски настани. Последен таков пример беше Бразил во 2014 година, кој останаа со неколку објекти како споменици, кои се распаднаа набргу по турнирот. Слично искуство имаше и Грција по летните Олимписки игри во 2004 година.
Ова беше голема грижа и за Катар, бидејќи земјата нема големо фудбалско или спортско искуство, има мала популација, голем дел од спортската инфраструктурата мораше да се изгради од нула, а потребите за неа по првенството се мали.
Дел од стадионите кои нема да бидат преуредени ќе бидат демонтирани. Стадионите се правени така за нивните елементи да можат да бидат искористени за друга намена. Архитектите користea модуларни елементи при дизајнирање на овие структури. Ова во голема мера овозможува горните нивоа на стадионите да можат да се одвојат на крајот на турнирот.
Најголемиот стадион „Лусаил“, на којшто се играше финалето меѓу Аргентина и Франција,
ќе биде пренаменет во јавни простори, со училишта, продавници, кафулиња, спортски објекти и здравствени клиники.
Стадионот Ал Бајт, стадионот Ахмад Бин Али, стадионот Ал Џануб и стадионот Ал Тумама ќе бидат преуредени во помали стадиони со околу 20.000 до 25.000 седишта, кои ќе бидат многу посоодветни за домашни спортски и забавни потреби.
На стадионот Ал Бајт ќе бидат додадени трговски центар и хотел, додека стадионот Ал Тумама ќе биде претворен во хотел и спортска клиника. Стадионот Ал Џануб ќе стане нов дом на спортскиот клуб Ал-Вакра, на местото на сегашниот стадион Сауд бин Абдулрахман, кој ќе биде домаќин на натпреварите од Лигата на ѕвездите на Катар.
Околу 170.000 седишта ќе бидат отстранети од овие стадиони и ќе бидат донирани на други држави за да им помогнат во развојот на нивната спортска инфраструктура.
Ако сè оди според планот, стадионите во Катар нема да останат празни по турнирот или нема да се распаднат како Арена да Амазонија во Манаус. Сите идни домаќини на Светското првенство ќе можат многу да научат од искуството на Катар.