До недоглед се одолговлекува ажурирањето на Позитивната листа на лекови

By Lorita 3 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Во Министерството за здравство се поднесени 21 апликација за лекови и 4 за нутриенси за ставање на позитивната листа. Тие апликации веќе се евалуираат од стручната комисија, која почна со работа во септември и интензивно одржува состаноци, информираше денеска министерот за здравство Фатмир Меџити, во обраќање на Втората годишна конференција за здравство во организација на Комитетот за здравство при Американската стопанска комора во Северна Македонија (АмЧам).

Пристигнатите апликации се однесуваат за лекови на оригинаторните компании, што претставуваат иновативна но истовремено и скапа терапија, а се наменети за употреба исклучиво во болнички установи, додека две апликации се поднесени за примарната листа. Апликациите се однесуваат на лекови што ги покриваат индикациите на малигните болести, мултипла склероза, кардиоваскуларните болести и хемофилија, како болести со посебно општествено-медицинско значење и намена за посебна ранлива група на пациенти.

Оваа година се донесоа измени во два системски закона и се донесе новиот Правилник за позитивна листа. Донесувањето на Листата на лекови е во надлежност на Управниот одбор на Фондот, а предлогот со ранг листата на лековите е на стручната комисија за лекови, формирана од министерот за здравство.

Министерот појасни дека за овие лекови стручната комисија спровела прелиминарно бодирање по критериумите и се очекува, во согласност со правилникот, во април наредната година да биде спроведено првото рангирање на лековите-кандидати за Листата кои што имаат фискално влијание врз буџетот на Фондот.
Меџити нагласи дека лек што нема да има фискално влијание врз буџетот на Фондот, согласно правилникот не подлежи на рангирање и по спроведена оценка, комисијата својот предлог за овие лекови ќе го доставува до Фондот на месечно ниво. Кој лек и за која болест ќе биде рангиран на високо ниво ќе зависи од научните сознанија за неговата фармако-терапевтска вредност, фармакоекономската оправданост, етичките аспекти од неговата употреба, како и вклученост во листите од земјите од регионот.

– Не треба да заборавиме дека Република Северна Македонија е земја со ограничени здравствени буџети за лекови, во однос на другите земји од регионот, но сите ние присутни претставници од релевантните институции ќе дадеме максимални напори за обезбедување на пораст на буџетските средства за лекови, за да се овозможи следење на здравствените придобивки во третманите на болестите со современа терапија – подвлече тој.

Министерот рече дека за 2024 година од Фондот до Министерството за финансии се побарани дополнителни 2,9 милијарди денари за нови лекови на позитивната листа.

– Во тек е изработката на нови упатства за третман на медицинските болести, односно донесување нови национални терапевтски водичи што помагаат во изборот на најадекватна терапија кај секоја медицинска состојба, и истовремено ќе бидат од корист и на стручната комисија која ќе може со голема сигурност да ги носи своите предлози во насока на постигнување на одржливо и континуирано финансирање на лековите што ќе бидат дел од позитивната листа – рече министерот.

Share This Article
Exit mobile version