Денес е’ Бадник – предвесник на Христовото раѓање

By Saso 3 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Православните христијански верници денес го слават Бадник, денот пред големиот празник Божиќ. Според Јулијанскиот календар, секоја година Бадник е на 6 јануари, а Божиќ на 7 јануари – прекрасни денови кога семејствата во хармонија ја очекуваат и прославуваат веста за Христовото раѓање.

На Бадник, уште од самото утро во секоја куќа се слуша гласот на децата коледари, кои со коледарските песни за здравје и бериќет го симболизираат гласот на ангелите за раѓањето на Исус Христос. Домаќините им даваат костени, ореви, јаболка, круши, за да го зачуваат овој убав обичај кој се пренесува од колено на колено.

Македонците со голема почит ги одбележуваат овие големи празници, кога секој треба да го заборави лошото и да ѝ даде можност на добрината да ги усреќи луѓето. Дури и најнесреќните и најбедните треба да стават насмевка на своите лица. Барем за момент, секој треба да научи да простува и да го отвори своето срце за другите.

Бадник е празник за семејството. На овој ден не се оди на гости и сите треба да бидат во своите домови покрај најблиските. Според традицијата, вечерта целото семејство се собира околу бадниковата трпеза, која треба да биде празнична и богата, но задолжително посна. Бадник го означува крајот на 40-дневните божиќни пости. Домаќинките приготвуваат тавче-гравче, риба, сарма, питулици, компири, а ставаат и овошје за трпезата да биде побогата.

Обичаите се разликуваат во зависност од местото, но речиси на секоја трпеза присуствува домашна погача, лепче или популарно нареченото кравајче, во кое се става паричка. Домаќинот на куќата откако ќе се прекрсти го разделува лепчето на членовите на семејството, но притоа остава едно парче за Бога и едно за куќата. Се верува дека оној кој што ќе ја пронајде паричката ќе го прати здравје, среќа и успех во годината што претстои.

По вечерата, храната не се трга од масата, затоа што се верува дека Господ ќе дојде преку ноќта да се нахрани. Некои пак ја оставаат храната затоа што веруваат дека ќе дојдат духовите на оние кои повеќе не се меѓу нас.

Бадник е ноќта на мирот, радоста и сплотеноста, кога будни го дочекуваме раѓањето на Христос.

Денес секое православно семејство во своите домови украсени со бадникови гранчиња симболично ја очекува веста за раѓањето на Исус Христос, а кога ќе дојде големиот празник Божиќ, ќе си честита со зборовите „Христос се роди – навистина се роди“.

Share This Article
Exit mobile version